OПЕРАЦИЈА „БУМЕРАНГ“: Боки 13 поднесе кривични против Русковска, Заев и други функционери
Објавено во: Македонија 10 Мај, 2024
Шоуменот Бојан Јовановски – Боки 13 поднел кривични пријави против повеќе поранешни функционери, именувани директори, лица кои вршеле јавни функции, судии и обвинители.
Изјави дека кривичните пријави се дел од кривично-правна операција „Бумеранг“.
„Се работи за кривични дела коишто се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластување, изборни нерегуларности и измами, незаконско финансирање на политичка партија, злоупотреба на јавни набавки и средства, повеќе кривични дела за кои се поднесени кривични пријави“, кажа Јовановски.
Тој дополни дека е поднесена кривична пријава и против поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска, за злоупотреба на службена положба, примање поткуп и примена на тортура, против сите генерални секретари на СДСМ, како и против поранешниот претседател на партијата и премиер, Зоран Заев.
Неговиот адвокат, Владимир Туфегџиќ, рече дека доказите се во форма на електронски пораки кои Бојан Јовановски ќе ги образложи и во писмена форма.
Предметот „Бумеранг“ беше најавен пред повеќе од една година во февруари 2023. Тогаш шефот на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази формираше предмет и го додели на надлежен обвинител кој требаше да го сослуша Јовановски. Но, поради здравствената состојба на Јовановски сослушувањето тогаш се одложи.