Колку отштета исплати Македонија по налог на Стразбур
Објавено во: Финансии 31 Мај, 2019
Македонија во 2018-та требало да им исплати вкупна отштета од 124 илјади евра на физичките и правни лица кои претходно повеле спор против својата држава пред Европскиот суд за човекови права Во износите за обештетување е опфатена нематеријалната, материјалната штета и трошоците досудени со пресудите и одлуките во Стразбур. Ова го вели статистиката на Комитетот на министри при Советот на Европа за 2018 година во однос на Северна Македонија, објавено во извештајот на Бирото за застапување на Македонија пред ЕСЧП.
Може да се забележи дека расте сумата која е предвидена да се исплати по одлуките во Стразбур во однос на претходните две години. Во 2017 вкупната сума била 87,5 илјади евра, додека во 2016 изнесувала 103 илјади евра. Убедливо највисоките суми се платени во 2012, 2013 и 2014 кога изнесувале помеѓу 301 и 353 илјади евра годишно.
Во случаите за исплата е и Петар Карајанов, кој во 2013 беше прогласен за соработник на македонските безбедносни служби, иако тврдеше дека постои друго лице со ист идентитет.. Има пресуда и за нерегистрирањето на ПОА (Грко-православната Охридската архиепископија). Меѓу нив е и предметот на актуелниот заменик-министер за животна средина Јани Макрадули против поранешниот директор на УБК,
Останатите добиени предмети против државата се однесуваат на несоодветно постапување на полицијата и другите безбедносни служби, неоправдано лишување од слобода, неефективни истраги,невраќање на ДДВ, недостапност на судовите и управните постапки, негрижа од страна на државата за правото на живот итн
Во 2018-та биле отворени 23 нови предмети, односно 12 повеќе во однос на една година претходно. Минатата година исто така биле донесени 23 финални резолуции (одлуки). Во текот на минатата година 11 исплати биле извршени во законски рок, само една била со задоцнување, а за 14 се чекало потврда до последниот ден од 2018-та.
А.К.