Се огласи и Дачиќ: Во македонската офанзива вмешан и странски фактор
Објавено во: Балкан 21 Август, 2017
Ивица Дачиќ изјавил дека вработените во Амбасадата на Србија во Македонија се повлечени бидејќи имало докази за офанзивно дејство спрема Србија со присуство на странски фактор.
Првиот српски министер за надворешни работи наведува дека Србија ќе преземе мерки да ги заштити интересите во Македонија и истовремено ќе ја преиспита својата оспособеност и капацитети за извршување на работата во актуелните услови во земјава.
„Веќе идната недела, после состанокот кој ќе го имаме овде, а ќе имаме средба и со претседателот Александар Вучиќ, дел од нашиот персонал ќе биде вратен во Скопје, а амбасадорот ќе биде вратен подоцна, кога ги завршиме сите консултации кои планираме да ги спроведеме овде во Белград“, рекол Дачиќ за Танјуг.
Тој објаснил дека вработените во Амбасадата во Скопје се повлечени, бидејќи недвосмислено, со јасни докази е востановено зголемено офанзивно дејствување спрема Република Србија, во што, како вели, секако е присутен и странски фактор.
„Ние ќе преземеме мерки да се подготвиме за работата во една таква околина“, истакнал министерот, но и нагласил дека Србија сака добри односи со Македонија.