26 Април, 2024
0.1308

НОВИ 13 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ЕСМ ЗА КУПУВАЊЕ НА ГАС ЗА ПАРНОТО - Владата го „храни“ со буџетски пари, ова е втора исплата

Објавено во: Економија 01 Декември, 2022

Добивај вести на Viber

Владата ќе му даде на ЕСМ сума од 13 милиони евра за снабдување со топлинска енергија. Оваа одлука е објавена во Службен весник, каде е наведено дека била донесена на владина седница на 29 ноември, односно завчера.

Колку од оваа сума се парите со кои вчера се купи и се плати гасот за Топланата Север, со цел денеска да може да се пушти парно за околу 500 домаќинства од Бутел и Чаир, а колку во овој износ влегуваат и други средства за набавка на гас за топланите Исток и Запад, засега не е прецизирано, бидејќи ЕСМ не ги објавува конкретно овие бројки. Од ЕСМ само вчера известија дека го платиле гасот за топлана Север и дека ќе имаат во иднина начин како да го контролираат користењето на средствата и плаќањето на гасот.

Инаку, како што се наведува во владината одлука, стнува збор за Одлука за одобрување на финансиски средства за справување на кризната состојба во снабдување со топлинска енергија.

„Со оваа одлука се одобруваат финансиски средства во износ од 800.000.000 денари (13 милиони евра н.з.) на акционерското друштво за производство на електрична енергија, Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје. Средствата ќе се обезбедат од Буџетот за 2022 година, програма П - Мерки за справување со Ковид-19 кризата и други антикризни мерки, потпрограма П1 - Мерки за справување со Ковид 19 кризата и други антикризни мерки, категорија Капитални расходи“, се вели во владината објава.

Ова е втор пат Владата да го „потхрани“ државното ЕСМ со буџетски пари за обезбедување на парно за скопјани, а кои се поврзани со оваа грејнаа сезона.

Првиот пат за државната компанија со која раководи Васко Ковачевски биле одобрени буџетски пари на 27 септември оваа година. Тогаш ЕСМ инкасирал близу 18 милиони евра, или прецизно 17,89 милиони евра. Основата била иста како и сега, врз основа на владина одлука за одобрување на финансиски средства за справување со кризната состојба во снабдување со топлинска енергија.

„Со оваа одлука се одобруваат финансиски средства во износ од 1.100.000.000 денари (17,89 милиони евра -н.з.) на Акционерското друштво за производство на електрична енергија, Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје заради обезбедување на финансиски средства за справување со кризната состојба во снабдување со топлинска енергија. Средствата ќе се обезбедат од Буџетот за 2022 година, потпрограма П1 - Мерки за справување со Ковид 19 кризата и други антикризни мерки“, беше наведено во владината одлука пред околу два месеци.

Како што е познато, ЕСМ сега го менаџира обезбедувањето на парно за околу 60 илјади скопски домаќинства, и преку таа компанија одат набавките на гас за топлинска енергија.

А, токму во текот на вчерашниот ден ЕСМ ги смируваше граѓаните дека има набавено гас и за следниот период за топланите Исток и Запад, но дека и во иднина ориентација на компанијата ќе биде да се купува овој енергенс на пократки рокови.

„АД ЕСМ ги известува граѓаните на Скопје дека испораката на топлинска енергија тече непречено и дека така и ќе продолжи и во следниот период. За декември е обезбеден природен гас од МАКПЕТРОЛ ПРОМ-ГАС и топлинска енергија од ТЕ ТО. АД ЕСМ продолжува со практиката за набавка на природен гас во покуси временски периоди поради финансиски подобрите услови“, напишаа од ЕСМ во своето соопштение испратено вчера утрото до јавноста.

Тие демантираа дека гас има за еден ден.

„Компанијата располага и со гас и со средства за набавка на гас и нема никакви проблеми  околу испораката на греење за Скопје во следниот период“, потенцираа во соопштението.

А, ЕСМ од овој месец почна да ги наплаќа и фактурите за парно од скопјани, но потенцираа и дека покрај наплатата од граѓаните, и Владата дава финансиска поддршка за обезбедување на гас.

Од ЕСМ Снабдување со топлина вчера соопштија дека веќе ги изработиле фактурите за топлинска енергија за октомври и во тек е нивна достава. 

„Износот на фактурите за топлинска енергија на потрошувачите кои плаќаат на 12 рати ќе бидe ист со оние за август и септември. Во периодот октомври-април кога се испорачува топлинска енергија, цената на ангажираната моќност и испорачаната топлинска енергија за домаќинствата е финансиски подржана од Буџетот преку АД ЕСМ со одлука на Владата, со цел обезбедување на сигурност во снабдувањето со топлинска енергија во услови на постоење на кризна состојба“, наведоа во соопштението.

Во текот на вчерашниот ден, пак, се постигна договор и за топланата Север, за што исто така беше информирана јавноста.

Топланата Скопје-Север објави дека е решен проблемот со парното за скопските населби Чаир и Бутел. Дирекцијата на ова акционерско друштво извести дека одборот на доверители вчера напладне му дал зелено светло на директорот Богољуб Макревски, кој е водач на стечајната постапка на матичната компанија, да потпише техничко-деловна соработка со ЕСМ. Од таму додадоа дека во текот на вчерашниот ден се очекуваше да се форматира договорот за премин на Топланата од приватно во државно управување, поточно на Електрани на Северна Македонија.

Во меѓувреме, се соопшти, ќе се обезбеди природен гас и затоплувањето ќе продолжи со овој енергенс.

На темата потоа се огласи и ЕСМ, од каде објавија дека го платиле природниот гас наменет за АД Скопје Север за испорака на греење, па потрошувачите во општините Чаир и Бутел од денеска наутро повторно ќе имаат парно греење.

„АД Скопје Север го потпиша Договорот за деловно-техничка соработка со АД ЕСМ,  за што АД ЕСМ на почетокот на грејната сезона доби задолжение со одлука од Влада, а по барањето искажано од АД Скопје Север за финансиска поддршка за набавка на гас. АД ЕСМ со средства добиени наменски од буџетот на Р. Северна Македонија во текот на попладневните часови изврши плаќање на потребните количини гас кај добавувачот на АД Скопје Север, МАКПЕТРОЛ ПРОМ-ГАС, по што природниот гас ќе биде најбрзо испорачан до АД Скопје Север за во што пократок рок да почне повторната испорака на топлинска енергија.

Договорот е потпишан и од АД Скопје Север и од сопственикот АД Топлификација во стечај, и дадени се гаранции за средствата кои ќе бидат вложени од страна на АД ЕСМ во текот на оваа грејна сезона. Исто така, АД ЕСМ преку свој прокурист и врзан потпис ќе го контролира работењето и исплатите од акционерското друштво корисник на средствата“, се вели во соопштението кое го испрати ЕСМ до медиумите.

Поради немање финансиски средства за цел месец однапред да платат за гас, а поради тоа што Град Скопје не им дозволил да испорачуваат греење со помош на мазут, Топланата Скопје Север од пред неколку дена не можеше да испорачува парно до петстотини домаќинства.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

ССМ НАЈАВИ ПРОТЕСТ ЗА 1 МАЈ: Бараат минималецот да изнесува најмалку 450 евра

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

„ДОЈЧЕ БАНК“ ГИ ИЗНЕНАДИ АНАЛИТИЧАРИТЕ: Ја објави нето добивката

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

НОВИ ПРОБЛЕМИ ЗА „БОИНГ“: ќе плати 443 милиони долари на авиокомпаниите за приземјувањето на авионите Max 9

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

ДАЛИ Е ОВА НАЈВИСОКАТА НЕТО ДИВИДЕНДА? Изнесува 35 евра за акција, а приносот е 7 отсто

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

Економската зона Ченгду-Чонгкинг е еден од главните мотори на идниот економски раст на Кина

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

САКАТЕ УСПЕХ ВО КАРИЕРАТА: Вмрежувајте се и ширете ги контактите

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија