Намален бројот на убиства во Македонија за речиси двојно помалку
Објавено во: Македонија 13 Октомври, 2020
Според годишниот извештај за работата на јавните обвинителства на Република Северна Македонија во 2019 година, кој е доставен до македонското Собрание, бројот на извршени убиства во земјата е намален од 65 на 35 споредено со една година претходно. Во 2019, од пријавените 35 лица, обвиненија добиле 30, а имало 24 пресуди.
„Треба да се истакне намалување на бројот на кривичните дела во текот на 2019 година во однос на 2018 година од Глава XIV од КЗ – Кривични дела против животот и телото. Значително е намален бројот на извршени убиства во 2019, кога се извршени 59 убиства (35 убиства и 24 кои биле во обид), за разлика од извршени 82 убиства (65 извршени и 17 во обид) во 2018 година. Процентуално искажано, во 2019 година намален е бројот на извршени кривични дела по член 123 – Убиство за 28 %“ се вели во извештајот на јавните обвинителства.
Забележително е намалување на бројот на извршени тешки телесни повреди па така, во 2019 година за ова кривично дело се гонеле 238 лица, за разлика од 351 лице по кое се постапувало во 2018 година.