21 Мај, 2024
0.0364

Анализа со Трајковски: Владата мора да испорача борба со корупцијата и брзи реформи но, колку ќе биде стабилна?

Објавено во: Македонија 01 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Од новата влада се очекува сериозна борба со корупцијата и брзи резултати

Зоран Заев е старо-нов премиер откако со мнозинство од 62 пратеника доцна синоќа беше избран неговиот предлог за владин состав поддржан од коалицијата предводена од СДСМ и БЕСА, како и на ДУИ и ДПА. Изборната реториката, острите обвинувања и напади сега треба да бидат заменети со соработка меѓу клучните партнери Заев и Ахмети, особено во реформската агенда, справувањето со последиците од кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата како и решавање на домашните проблеми. Со Кристијан Трајковски, политиколог, магистер во областа на применета политика, аналитичар во Центарот за истражување и креирање политики - Скопје (ЦИКП), анализираме што ќе биде потребно за враќање на довербата на граѓаните во институциите, преземање на колективна одговорност и враќање на правната држава. Трајковски смета дека клучна ќе биде борбата со корупцијата, реформи во правосудството и брзи резултати од новата влада за да ги оправда очекувањата и доверената доверба од граѓаните. Вистински предизвик ќе биде владата да се одржи на долг рок со оглед на „тенкото“ мнозинство, како и на политичкиот опуртунизам во последните 12 години често да се одржуваат предвремени избори за да се решаваат политичките кризи.

ДУИ важеше за помалиот брат на „режимот“ но, не доби казна од гласачите ниту е испратен во опозиција. Што може да очекуваме сега, од новата влада која се формираше по тешкиот договор кој го склучија СДСМ-БЕСА коалицијата со ДУИ? Колку е возможна реформска агенда во правосудството, борбата со корупцијата, економијата и општествените сфери со ваков владин состав?

За очекување е дека новата влада предводена од СДСМ, ќе биде фокусирана кон решавање на домашните проблеми. Впрочем, во претходниот мандат во јавноста преовладуваше мислење дека власта речиси целата своја енергија ја вложи во решавање на отворените билатерални прашања со соседите, сето тоа на сметка на домашните проблеми.

Прв приоритет на есен се чини дека ќе биде справување со здравствената и економска криза која настана како последица од пандемија на Ковид-19. СДСМ се залагаше за брзи избори со цел да се стекне со стабилна поддршка за решавање токму на оваа криза. Оттука, веројатно ќе се посветат на овие прашања за да ја оправдаат довербата која ја добија од граѓаните, а преку зајакнување на капацитетите на здравствените установи и човечкиот капитал во здравството, но и со нови економски мерки за помош и спас на македонското стопанство.

Новата влада довербата на граѓаните ќе се обиде да ја врати и преку борба со корупцијата. За таа цел најавите се дека ќе се воведе и нова функција – вицепремиер за борба со корупцијата, човечки ресурси и одржлив развој. Дополнително, еден од круцијалните приоритети ќе биде реформа во правосудниот систем и поставување на принципот на владеење на правото, а со тоа враќање на довербата на граѓаните во институциите. Во новиот владин состав направени се неколку „ротации“ во поглед на министерските места, така што ќе видиме како тоа ќе придонесе кон постигнување на програмските цели.

Практично, оваа влада ќе треба да испорача резултати и посветеност кон остварување на реформите, посебно во делот на усогласување на законодавството со што ќе се продолжи патот кон интеграција во ЕУ. Тоа се очекувањата кои ќе ги имаат и граѓаните, но се поставува прашањето колку новата владина коалиција ќе биде стабилна и единствена во донесување на одлуките за да ги спроведе реформите, особено оние кои се однесуваат на реформа на правосудниот систем и борбата со корупцијата.

Имајќи предвид дека новата влада ќе има своевиден континуитет бидејќи двете големи партии од власта коалицираа и во претходниот состав, од страна на јавноста ќе се очекуваат релативно брзи резултати по однос на горенаведените прашања, смета Трајковски.

Владата има поддршка од тенко мнозинство во Собранието од 62 пратеника, па колку истата ќе биде стабилна? Веќе има прогнози дека кратко ќе трае овој „брак од интерес“ и дека заедно со следните локални ќе има повторно предвремени парламентарни избори. Очекувате ли реализација на овие прогнози?

Во политичката теорија кај нас долго време се говореше дека политичарите не се доведуваат до ситуација во која е потребно ја сечат гранката од дрвото на којашто седат. Ова се промени со предвремените парламентарни избори одржани во 2008-ма година. Имено, од тие избори, па се до десеттите парламентарни избори кои се одржаа оваа година, практично како да се воспостави една претходно невообичаена практика на постојано генерирање политички кризи кои се решаваат исклучиво со спроведување нови, предвремени парламентарни избори. Политичките партии својата енергија ја насочуваат кон создавање притисок едни кон други, а сето тоа го прават врз основ на своите пресметки и проценки како би стекнале повеќе поволна позиција од онаа која ја имале со резултатот од претходните избори. Оваа состојба е најмалку во интерес на граѓаните и бизнис заедницата. Организирањето парламентарни избори чини помеѓу 7 и 8 милиони евра, а доколку се вратиме малку назад, ќе забележиме дека предвремените парламентарни избори од 2020 година се всушност петти предвремени парламентарни избори по ред. Причините за нивно одржување беа различни, но ниту еден состав на владата не успеа да се одржи четири години. Тоа е штетно од аспект на спроведување на јавните политики зацртани во изборните програми, особено за оние кои се веќе почнати, а се прекинуваат заради честа ротација на министрите која произлегува од политичкото „пазарење“ меѓу коалиционите партнери. Сето тоа создава една неповолна состојба на политичка и економска неизвесност.

Се чини дека и ова „тенко“ парламентарно мнозинство составено од 62 пратеника ќе биде тешко да одржи стабилна поддршка за Владата за период од четири години, особено доколку се земе предвид дека оваа коалиција претставува т.н. „брак од интерес“, но и од неопходност. Да не заборавиме дека во предизборната кампања СДСМ и ДУИ настапија со прилично остра реторика која практично ги залади односите меѓу двете партии, а сето тоа се одрази и врз процесот на преговори. Преговорите траеја прилично долго и од нив се очекуваше ДУИ да излезе како коалиционен партнер чии услови ќе бидат целосно исполнети. Тоа не беше така. Во процесот на преговори се направија значајни компромиси од двете страни. Постигнувањето согласност за идна коалициска влада за СДСМ и ДУИ дојде по потешкиот пат, а новата влада несомнено ќе ја следат грешките и предизвиците од досегашното заедничко владеење, но и од нецелосно исполнетите очекувања кон своето гласачко тело, особено од страна на ДУИ. Дополнително, треба да имаме на ум дека ова мнозинство е составено од четири политички партии (СДСМ, ДУИ, БЕСА и ДПА) и за негово стабилно одржување е потребно постоење сериозна политичка волја и посветеност кон заедничка соработка. Оттука, логично е да се постави прашањето дали оваа коалиција е подготвена да направи сериозна реформска агенда особено во делот на борбата со корупцијата и реформа на правосудниот систем, но и да се носи со здравствените и економски предизвици предизвикани од пандемија на корона вирусот.

Доволно причини укажуваат дека одржувањето стабилна Влада во овие околности е под знак прашалник, па ни претстои еден непредвидлив преоден период до нови парламентарни избори, но тоа не значи дека тие ќе се одржат веќе следната година заедно со локалните избори. Се уште е рано да се прават проценки дали ќе има притисоци и политички пазарења меѓу коалиционите партнери при донесување на реформиските политики, иако веќе забележавме дека „тенкото“ мнозинство беше ставено на тест со тоа што пратеници од помалиот партнер во коалицијата почнаа да калкулираат по однос на прашањето дали ќе ја дадат својата поддршка кон партиските одлуки за номинирање носители на политички функции. Доколку ова биде честа појава и по формирањето на владата, не треба да ја исклучиме можноста енергијата да се посвети кон привлекување пратеници од опозицијата кон владеачкото мнозинство. Ова се случуваше во претходниот пратенички состав, при што сведоци бевме дека пратениците не остануваат целосно доследни на партиските насоки, но и пред граѓаните кои им ја дале довербата, оценува Трајковски.

Во изминатиот период се соочивме со економски застој, рекордно висока недоверба на граѓаните во институциите, се поголема апатија дека се возможни вистински промени и преземање на одговорност. Како дополнителна тежина е и кризата предизвикана од КОВИД-19 пандемијата, па се помали се очекувањата дека ќе дочекаме период на прогрес и стабилизација. Како да се подигне општествената енергија во правец на подобрување на состојбите?

Пандемијата на Ковид-19 доведе до сериозна здравствена криза, предизвикувајќи истовремено голема општествено – економска криза. Најновите прелиминарни податоци за БДП во вториот квартал од 2020 година покажуваат голема контракција на економската активност за земјите од Европската Унија и САД. Високиот пад на светските економии е последица на затворањето на голем број деловни субјекти и намалената побарувачка како резултат на преземени мерките за справвање со кризата. Бројот на ново заболени лица и натаму не стивнува,  поради што може да се очекува дека заздравувањето и враќањето на глобалната економија во колосек ќе се одвива со позабавено темпо од првично предвиденото.

Негативните последици се неизбежни и за македонската економија која како мала и отворена економија е директно погодена од случувањата на светскиот пазар и економската активност на земјите кои се нејзини најголеми трговски партнери. Речиси ниту една стопанска гранка во земјава не остана имуна на корона вирусот кој доведе до целосен застој на одредени економски сектори (пр.транспорт, угостителство) или пак забавување или отежнато одвивање на процесите во оние економски сектори кои продолжија да работат и во вонредни околности (пр.градежништвото). Кризата веќе трае подолго од очекуваното, поради што може да се констатира дека негативните ефекти кои ги предизвика ќе опстојуваат и во иднина, а справувањето со истите ќе биде вистински предизвик за Владата, од која се очекува сериозен пристап и ставање на економијата во фокусот на владините политики во следниот период. Креирањето на економските  мерки за спраување со последиците од коронавирус кризата бара големи заложби на надлежните институции и конструктивен дијалог помеѓу јавниот и приватниот сектор во насока на изнаоѓање и креирање на оптималните решенија кои може да бидат од финансиска и нефинансиска природа. Од неминовно значење ќе биде и соработката на владата со стопанските комори и бизнис заедницата од каде може да се добијат конкретни бројки и релевантни податоци за тековните случувања што е неопходно за да се обезбеди реална поддршка на компаниите и да се поттикне забавената деловната активност.

Ако се земе предвид „потресот“ кој во моментот го доживуваат светските економии, вклучувајќи ја и домашната економија, може да се очекува дека во следниот период заложбите ќе бидат насочени кон одржувањето на деловната активност и враќање на економијата во колосек, а дури потоа може да очекуваме остварување на реален економски раст, анализира Трајковски.

Видливо е дека има поголем простор за критика и укажување на погрешните политики, но иако нема тврда пропаганда црното да се претвори во бело, нема ниту голем ефект од гласно искажаните ставови. Како да се засили граѓанското учество, како и придонесот на невладиниот и медиумскиот сектор во подобрување на процесот на носење одлуки кое нема да биде искористено само за шминка туку за темелни и ефикасни реформи?

Веројатно најзначајната придобивка за македонското општество која дојде со промената на власта во 2017 година е тоа што се зголеми просторот за критика кон власта за погрешните политики. Сепак, прашање е колкав е ефектот од гласно искажаните ставови. Очигледно недоволен. Се забележува определена самоцензура во критиката и недоволна посветеност од страна на власта за да ги примат сите информации и укажувања кои можат да придонесат кон подобро решавање на проблемите. Вреди да се напомне дека земјата во извештаите изготвени од страна на невладините организации бележи напредок, но е потребно сите чинители посветено да работат кон натамошно подобрување на просторот за критика која несомнено води кон напредок, но и кон зголемено учество на граѓанските организации во процесот на донесување јавни политики. Имено, како што споменав извештаите говорат за подобрување на состојбите по однос на медиумските слободи. Во 2017 година, Република С. Македонија беше најлошо рангирана балканска земја според Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници, со тоа што во извештајот се зборува дека во земјата која е кандидат за членство во Европската Унија, највидлива е ерозијата на владеењето на правото. Во следните извештаи се наведени забелешки за работењето на јавниот радио-телевизиски сервис, но се потенцира и намалувањето на владината контрола врз медиумите. Имено со промената на власта забележавме дека значително се намали државното рекламирање во медиумите, а со тоа се намали и контролата врз медиумите. Позитивните поместувања се забележуваат и во 2020 година, каде споредено со 2017 година, земјата бележи напредок за 19 места. Во овој период можевме да забележиме и зголемување на критиката од страна на граѓаните кон власта преку социјалните мрежи која имаше мал ефект во насока на нејзина контрола во донесување на определени одлуки. Иако позитивните промени очигледно се должат на намалување на средствата за рекламирање во медиумите, сепак тоа не значи дека имаме постигнато многу во насока на создавање услови за сериозна критика и контрола на власта. Критичната енергија кај граѓаните релативно тешко се канализира во вистински притисок кон власта.

Што се однесува до воведување темелни и суштински реформи, несомнено е потребно поголемо вклучување на невладиниот сектор во процесот на креирање јавни политики, бидејќи денес просторот е преплавен со информации. Големиот број информации создаваат тешкотии во работата на владите во поглед на обезбедување релевантни информации кои им се потребни за воочување и предвидување на последиците од политиките кои тие ги донесуваат. Ваквите состојби налагаат потреба од чести консултации со тинк-тенк организациите кои на некој начин можат да посредуваат меѓу владата и јавноста, трансформирајќи ги идеите и проблемите во политички прашања. На тој начин стручно проследените информации за определен проблем кој е од јавен интерес и е анализиран од тинк-тенк организациите им овозможува на политичарите и креаторите на јавни политики на полесен начин да ги согледаат ефектите од нивните одлуки. Практично, работата на организациите од граѓанското општество е насочена кон намалување на јазот меѓу мноштвото необработени информации и релевантни податоци значајни за јавноста и креаторите на јавни политики, пренесувајќи ги во облик кој е јасен, разбирлив и достапен за креаторите на јавните политики и останатите засегнати чинители. Стручните лица од овој сектор секојдневно се посветени кон размислување, надградување, читање, истражување и пишување трудови поврзани со различни прашања од сферата на јавните политики. Оттука, сметам дека мудра одлука на секоја власт ќе биде доколку овозможи поголемо вклучување на организациите на граѓанското општество во процесот на креирање и донесување јавни политики, бидејќи во овие организации е акумулирано значајно знаење и искуство за решавање определени општествени прашања. Секако во целиот процес не треба да се заборави моќта на пишаниот збор од страна на медиумите кои секогаш ја имаат улогата на коректив на власта. Практично, доколку сакаме темелни и ефикасни реформи кои нема да бидат само шминка за претставување на некаков напредок во државата, потребно е креаторите на јавните политики да создадат услови во кои ќе ги вклучат сите засегнати чинители во процесот на донесување јавни политики, заклучува Трајковски.

Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

СУДСКИОТ СОВЕТ НА ПОЛНОЌ ЌЕ ОДЛУЧУВА ЗА ИМУНИТЕТОТ НА СУДИЈАТА: по денешното апсење за мито

СУДСКИОТ СОВЕТ НА ПОЛНОЌ ЌЕ ОДЛУЧУВА ЗА ИМУНИТЕТОТ НА СУДИЈАТА: по денешното апсење за мито

„Битно е процесот да биде демократски и да се заврши се како што треба“: Јаулески од ВМРО смета дека ќе добијат уште еден пратеник

„Битно е процесот да биде демократски и да се заврши се како што треба“: Јаулески од ВМРО смета дека ќе добијат уште еден пратеник

„ДУИ да се спремаат за мирна, цивилизирана транзиција како во секоја европска држава“: Милошоски вели „време е да заминат во опозиција“

„ДУИ да се спремаат за мирна, цивилизирана транзиција како во секоја европска држава“: Милошоски вели „време е да заминат во опозиција“

„ПРОБАВ ДА ВЛЕЗАМ ВО СОБРАНИЕТО. И НЕ УСПЕАВ“: професорката Најчевска ја напушта „Твоја партија“, еве што порача

„ПРОБАВ ДА ВЛЕЗАМ ВО СОБРАНИЕТО. И НЕ УСПЕАВ“: професорката Најчевска ја напушта „Твоја партија“, еве што порача

АВМУ: Изборен молк поради прегласување за Парламентарните избори 2024

АВМУ: Изборен молк поради прегласување за Парламентарните избори 2024

СУДИЈА ОД ВРХОВЕН СУД ЗАВРШИ ЗАД РЕШЕТКИ - фатен во моментот кога добивал мито

СУДИЈА ОД ВРХОВЕН СУД ЗАВРШИ ЗАД РЕШЕТКИ - фатен во моментот кога добивал мито

МИЈАЛКОВ ОД ЧЕТВРТОК НА СЛОБОДА: Апелациониот суд го ослободува, под услов да не стори ново дело

МИЈАЛКОВ ОД ЧЕТВРТОК НА СЛОБОДА: Апелациониот суд го ослободува, под услов да не стори ново дело

Започна со работа новото училиште во Визбегово, се запишуваат првооделенците

Започна со работа новото училиште во Визбегово, се запишуваат првооделенците

ЗА ТРИ ИЛЈАДИ ДЕНАРИ СО НОЖ СЕ ЗАКАНУВАЛ ДЕКА ЌЕ ГО УБИЕ СОПСТВЕНИОТ ТАТКО - притвор за насилник од Раштани кому ова не му било прв пат

ЗА ТРИ ИЛЈАДИ ДЕНАРИ СО НОЖ СЕ ЗАКАНУВАЛ ДЕКА ЌЕ ГО УБИЕ СОПСТВЕНИОТ ТАТКО - притвор за насилник од Раштани кому ова не му било прв пат