Вработените во Фени очекуваат на 4 јули да се прифати планот на ГСОЛ за реорганизација на Фени
Објавено во: Економија 28 Јуни, 2018
„Барање од градоначалникот на Кавадарци да се даде Фени индустри на бугарската компанија Минстрој холдинг АД Софија е срамно. Очигледно е и можеби ќе звучи грубо, но тој е недозреан за вакви тешки одлуки. Да оди против тие што го избрале. Јас кога разбрав се изненадив, го немам видено писмото за да можам да коментирам, но самата постапка треба да го доведе во ситуација да се срами да излезе пред вработените на Фени, нивните семејства и сите оние кои индиректно на некој начин живеат од Фени“, изјави, претседателот на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) Пеце Ристевски, по неодамнешното судско рочиште за стечајот на Фени како коментар на писмото на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев во кое тој и Советот на Кавадарци даваат поддршка на бугарската компанија.
Тој објасни дена нивните барања поврзани со работниците во „Фени“ се исполнети, сите вработени се задржани на работа и редовно земаат плата што значи стејната постапка е успешна, фабриката рестартирана и нема потреба целата постапка да почне одново.
Синдикатот и вработените во комбинатот се за сегашниот најголем доверител во Фени, ГСОЛ, односно нивната компанија во Македонија „ЕуроНикел“ која овозможи комбинатот да не престане со работа, а сите вработени продолжија да работат и редовно да зимаат личен доход.
Според Душко Николовски, претставник на вработените во Фени, тие не се согласуваат со ликвидација и затворање на комбинатот, како што бара Минстрој, бидејќи тоа ќе значи отпуштање од работа на вработените.
„Така ќе ја изгубиме работа и ќе одиме на Бирото за вработување. Сега работиме нормално, производството се зголемува, а просечната плата е 27 илјади, иако памтиме во подобри времиња и многу повеќе“, изјави Николовски.
Последното судско рочиште за Фени на кое требаше да се донесе одлука за прифаќање на планот за реорганизација беше одложено, како што објасни Пеце Ристевски, поради неколку помали доверители кои навреме не ги продале своите побарувања.
Стечајната судијка го одби барањето на општина Кавадарци со образложение дека судството е независно и дека според кодексот на судиите ќе ја брани независноста на судот и судиите.
„Синдикатот е разочаран што тој план не пројде, а Фени конечно не излезе од стечај.
„Место денес да биде еден свечен чин, да се затвори рочиштето за ‘Фени’ одложена е постапката поради македонските навики на адвокатите и во последен момент нешто да се искомплицира, а се е завршено. Собранието ќе продолжи на 4 јули кога конечно ќе се донесе одлука. Незадоволството беше од помалите доверители кои не си ги продале навреме побарувањата па купецот не ги обесштетува во онаа висина во која тие посакуваат и изнајдоа 300 начини, согласно закон, денес да не се донесе одлуката за прифаќање на планот и почнување со подготовки за целосно преземање на Фени од ГСОЛ“, рече Ристовски.
Конечна одлука за планот за реорганизација се очекува да биде донесена на 4 јули, со што ќе заврши стечајната постапка, а со тоа и неизвесноста околу иднината на Фени.
Швајцарскиот фонд Г СОЛ во изминатиов период успешно го рестартираше производството на никел во Фени. Моментално во фабриката работат околу 800 лица кои редовно земаат плата, а ангажирани се уште 200 надоврешни добавувачи. За организирање на производството Г СОЛ вложи околу 70 милиони евра кои се искористени за набавка на руда, резервни делови, ангажирање кооперанти, исплата на плати на вработените и друго.
Плановите на ЕуроНикел, односно ГСОЛ, предвидуваат по усвојување на планот за реорганизација, да се почне со постапка за рестартирање и на втората производна линија за која е потребна реставрација и нови вложувања. Со нејзина работа ќе се отвори простор за нови вработувања и Фени индустри тогаш ќе има 1000 вработени и годишно производство од 20.000 тони никел.
Фени е инаку еден најголеми индустриски капацитети во земјава, еден од најголемите извозници и кога работи придонесува со 1 отсто во БДП на Македонија.