Ципрас подготвен за дијалог, ги повика на преговори демонстрантите фармери
Објавено во: Балкан 10 Февруари, 2016
Грчкиот премиер Алексис Ципрас ги повика на дијалог демонстрантите фармери. Земјоделците, од своја страна, се залагаат за целосно повлекување на мерките за зголемување на даноци и пензиските реформи и подготвуваат моќни протести во петок во Атина.
Постои можност за промена во контроверзниот нацрт против кој веќе трета недела протестираат грчките фармери. На седницата на Министерскиот совет во Атина премиерот Алексис Ципрас покажа подготвеност за директни преговори со демонстрантите земјоделци.
Пензискиот пакет им наложува тежина на дел од населението и сме подготвени да почнеме дијалог за зачувување на досегашните приходи кај фармерите, како и со други индустрии. Затоа е потребно да се сретнеме, да преговараме и да најдеме решение на нивните проблеми, информираат грчки медиуми.
Истовремено категорично беше отфрлено барањето на фармерите за повлекување на предлог-законот. Министрите коментираа за медиумите дека со ултиматум со блокирани патишта и граници не може да се води дијалог.
Од своја страна фармерите продолжуваат со протестите и подготвуваат големи демонстрации во петокот пред парламентот.
Медиумите јавуваат дека грчката полиција нема да дозволи земјоделски протести со трактори во центарот на грчката престолнина.