Србија ќе добива „про боно“ совети од Строс-Кан
Објавено во: Балкан 17 Септември, 2013
Економскиот експерт и поранешен директор на Меѓународниот монетарен фонд, Доминик Строс-Кан денеска изјави дека во првите три месеци ќе ја советува српската Влада „про боно“, односно волонтерски, за да можат економските проблеми на Србија да се решат, имајќи ја предвид многу тешката ситуација.
Строс-Кан нагласи дека во овој момент не може да каже кои мерки ќе препорача да бидат преземени, бидејќи прво мора детално да се запознае со ситуацијата и луѓето.
Српскиот вице-премиер Александар Вучиќ изјави дека е исклучително задоволен што Строс-Кан ја прифатил соработката со Владата. Тој додаде дека еден дел од неговиот тим ќе работи во земјата, а друг дел во Париз, но дека постојано ќе се консултираат и дека одлуките што ќе се носат ќе бидат во најдобар интерес за Србија.
- Знам дека е најлесно животот да продолжи во жабурник, но ние за разлика од другите сакаме да ги решаваме проблемите и да работиме, нагласи Вучиќ.
Тој додаде дека за ангажирање на странски експерти долго време се разговарало во српската Влада и се контактирало со многу странски компании и експерти за тоа како тие можат да и помогнат на Србија по прашањето за фискалниот дефицит, за јавниот долг и за постојаниот пад на производството.
- Факт е дека трошевме многу повеќе отколку што заработивме. Време е да произведеме многу повеќе и сме многу задоволни што еден од најголемите економски експерти во светот станува дел од тимот на Владата на Србија, истакна Вучиќ.