Пред неколку дена беше и во Скопје - еврокомесарот Вархеји е во самоизолација
Објавено во: Македонија 12 Октомври, 2020
Европскиот комесар за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји синоќа објави дека е во самоизолација, бидејќи еден член од неговиот тим е позитивен на коронавирусот.
Вархеји на Твитер објави дека тој и членовите на неговиот тим чекаат резултати од тестирњето и оти во согласност со препораките за јавно здравје се во самоизолација.
„Добро се чувствувам, немам симптоми, се тестирав и претходните недели и моите тестови беа негативни. Останете безбедни“, напиша Вархеји.
Еврокомесарот Вархеји минатата недела беше во официјални посети на Северна Македонија, Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора каде го претставуваше извештајот на Европска комисија за Западен Балкан.
Го претстави и инвестицскиот план на ЕУ за земјите од Западен Балкан, тежок 9 милијарди евра.Пред неколку дена, за време на неговата посета на Скопје, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји рече дека не би драматизирал за прашањето со Бугарија, и порача дека треба да оставиме дипломатијата да работи. Тој побара трпение за да се реши спорот со официјална Софија, но не сакаше да одговори дали Бугарија го крши основниот постулат на ЕУ за самоопределување со Меморандумот кој ги оспорува идентитетските прашања како јазикот.