ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО НЕЗАДОВОЛНИ: Ќе се жалат бидејќи нема ефективен притвор за Рашковски
Објавено во: Македонија 16 Април, 2021
Обвинителството ќе се жали на одлуката на судот да му биде одреден куќен, наместо ефективен притвор на eкс генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ќе поднесе жалба на одлуката на Кривичниот суд да му биде одреден куќен притвор, а не ефективен притвор, на Рашковски. Обвинителката која ја води истрагата, Ивана Трајчева вели дека тие поднеле доволно докази за околностите за одредување на притвор.
„Со мерката куќен притвор сметаме дека и понатаму ќе постои опасност од влијание на сведоците и останатите материјални докази кои треба да бидат прибавувани,“ изјави Трајчева.
Судот одлуката ја образложи со тврдење дека Обвинителството не доставило доволно докази за поткрепа на основите на сомнение поради кои се бара притвор, односно не приложиле доказ дека осомничените се имотни и доказ како осомничените влијаеле или ќе влијаат на истражната постапка.
Судот му одреди куќен притвор и на Даниел Станчески, сопственикот и управител на фирмата „Инвока гроуп“ којашто го доби тендерот за софтверот.