Ќе се прошири истрагата за „Двојник“
Објавено во: Македонија 14 Април, 2021
Истрагата за случајот „Двојник“ за издавањето пасоши на странци со украден идентитет од македонски државјани ќе се прошири.
Ова вечерва го најави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во „Само вистина“ на Канал 5.
„Оваа истрага е и во други земји, бидејќи работевме заедно со американските власти, работевме заедно со Интерпол Лион и Интерпол Скопје. Ќе дојдеме и до проширување сигурно, според оние податоци кои ги имаме. Проширување ќе има без разлика дали се структури и внатре во МВР, без разлика и колку високо во структурата на МВР ќе се дојде“, вели Спасовски.
За овој случај веќе има обвинение за 11 лица. Од нив, 10 се обвинети за злоупотреба на службена положба и овластување, а еден е обвинет за поттикнување при извршувањето на истото кривично дело.