21 Мај, 2024
0.0302

Интервју Љупчо Ристовски: Кампањите се безидејни, пораките празни!

Објавено во: Македонија 10 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

Основното правило за секоја политичка кампања е испраќањето на клучните политички пораки до гласачите да биде фокусирано и концизно, кратко и едноставно за памтење. Претходно е потребно истражување за шифтот во перцепцијата и очекувањата на гласачите во дадениот политички период, оти тие се променлива категорија од еден до друг изборен циклус, од период во период, од еден политички контекст до друг, односно  перцепциите, очекувањата и надежите на луѓето континуирано се менуваат. Позната е парадигмата со салатата и ѓубрето и врската со тајмингот. Ако салатата не се консумира кога е свежа, истата оди во ѓубре, значи ако е пропуштен моментумот, корисноста од пораката е нула- објаснува во интервју за Фактор, д-р Љупчо Ристовски - претседател на ИНТЕГРА ИНститут за доблесна и вредносна политика.

Начинот на кој партиите го  водат процесот на пристап до јавноста според него е кампањски, конфузен и нема систематизиран пристап и јасна порака. Оттука македонскиот синдром да се дојде или одржи на власт со оцрнување на политичкиот противник до крајности,како што вели  не́ внесува во кампања која повеќе е фокусирана на другиот и неговите слабости, отколку на себе и својата визија за иднината на локалните заедници и на секоја индивидуа во Македонија.

Ристовски: Оттука, во нашиов изборен случај, покрај очајничкиот обид на една од политичките групации да внесе забуна при носење на одлуката за гласање со визуелното брендирање и создавање на слика и перцепција дека “сите се исти“ и дека нема потреба од промена, во основа станува збор за безидејни кампањи и кај двата доминантни политички табори, начинот на кој се води процесот на пристап до јавноста е кампањски, конфузен и нема систематизиран пристап и јасна порака.

Ова може да се заклучи и преку слоганите, од кои едните со слоганот “секогаш работа“ праќаат порака дека “кој работи – тој и греши“, иако покајничкиот момент не е нагласен, мислејќи дека истиот се подразбира; за разлика од другите кои со недопрецизираниот слоган “живот за сите“ оставаат впечаток дека тие ја земаат улогата која само Бог ја има, оти Тој е Кој дава живот, иако основно нивната порака, претпоставувам, дека се однесува во смисла на “квалитет на животот“ со идеја да се направи разлика во насока дека во претходниот период некој живеел, а другите живуркале на работ на егзистенцијата, поради бројните злоупотреби на позициите на моќ и влијание во изминатите 11 години владеење.

Фактор: За каква опција ќе се одлучат граѓаните и зошто со години наместо за личност се гласа за партија?

Ристовски: Мојата перцепција е дека граѓаните се во состојба на збунетост, разочараност и депримираност. Предолгиот периодот на транзиција низ кој поминуваат и неумешноста на политичките водства од осамостојувањето па се́ до денес да понудат етаблирање на стабилна држава и политички систем и извесна оддржливост на економски раст и развој, ниту оддржлив прогрес во демократските процеси, како ниту севкупен напредок во сите сфери од општествено живеење се причините поради кои се́ поголем дел од луѓето не се сигурни за која политичка опција да се определат. Оттука и бројот на неопределените и тие кои се отворено против двете политички опции е во се́ поголем пораст.

Веројатно, постојниот изборен модел и постојниот закон за политички партии, како и законот за финансирање на политичките партии не ги остварија очекувањата за функционално, ефикасно и ефективно регулирање на овој сегмент од политичкиот поредок. Оттука, слободно можеме да констатираме дека истите се надминати и оспорени од нашава политичка реалност и дојдено е времето кога е потребна сериозна општествена акција во насока кон менување на постојната регулатива и потрага по најцелисходни решенија кои ќе доведат до реално, праведно и правично оцртување на политичката карта во Македонија.

А кога станува збор за локални избори, секако препознатливоста на локалните лидери, нивната доблесност и интегритет како членови на локалната заедница, но и́ познавањето и препознавањето на секојдневните, дневни насушни потреби на секоја индивидуа на локално ниво треба да се приоритети, а не да се затскриваат позади авторитетот на оваа или онаа политичка партија.

Значи, системски решенија во оваа сфера на политичко општење се насушна потреба во оваа фаза од политичкиот развој на државата.

Фактор: Во досегашните пораки од митинзите слушаме пораки за ветен збор, враќање на живот, нова ера на можности. Дали и како може да се обезбеди реален достоинствен живот и конечно, најважното- подобар животен стандард за сите граѓани?

Ристовски: Само со систематизирано знаење и умеење, како и со локално лидерство кое е длабоко морално фундирано и чиј највисок интерес и приоритет ќе им бидат  потребите, надежите и очекувањата на секоја индивидуа за квалитетен и просперитетен живот. За жал во политичката понуда за овие локални избори јас не препознав нови концепти за локален економски развој, ниту пак нови модели за развој на општините и населените места. Оттука, повторно доаѓаме до констатацијата дека и́ овие избори одлуките нема да се носат на основа на судир на концепти и различни визии за иднината на локалните центри, туку на основа на тоа кој е против некого или нешто.

Флоскулите од типот “збор си е збор“, “живот за сите “, “секогаш работа“ и “нова ера“ не носат прогрес и просперитет на индивидуално ниво. Прогресот и просперитетот стануваат стварност како резултат на систематизиран пристап, потоа на целосна посветеност, но и́ искрена желба за добробит на другиот, што подразбира саможртва во име и́ во интерес на тој до вас, а не само за вас и вашите најблиски. Секако вака високо поставените цели не е можно да се реализираат без висока морална доблесност и силен интегритет на претендентите за локални лидери.

Фактор: Зошто локалната власт станува попримамлива дури и од централната? Во оваа кампања има министри и функционери кои одлучија својата политичко-партиска моќ да ја испитаат токму на локално поле?

Ристовски: Според мене, не станува збор за поголема атрактивност на локалната наспрема централната власт, туку за проста математика околу доминирање на поддршката на локалното население. Но, тука станува збор и за феноменот на “султанизирање“ на партиите и окупација на врвните партиски позиции од група на луѓе, кои по обичај после стекнување на власт се оттуѓуваат од партиската база и стануваат недостапни за поширокото членство. Така  октроираната група на партиски првенци секогаш инклинира кон зачувување на своите привилегирани позиции и кон затворање на кругот за пристап на нов квалитетен политички кадар од другите ешалони на партиите. Оттука и заклучокот дека дуплирањето на позициите на власт, било на централно, било на локално ниво, првенствено е показател за сиромашна понуда на квалитетни членови кои би имале храброст да преземат повисоки нивоа на одговорности, што во суштина е лоша порака која политичките партии ја испраќаат до своето членство и до пошироката јавност. Но, и́ е показател за постоење на синдром на “елитизам“ во политичките партии по моделот “Me, myself and I” или “јас, само јас и никој друг“, што пак е повторно погубно на среден рок. И во двата случаи станува збор за негативни појави. “Нема незаменливи“ по моделот “шанса за сите“ е позитивниот концепт кој носи свежина и нов политички ветар во партиите. Заклучот е дека политичките партии ќе мора да се реформираат по принципот на внатрепартиска демократија со воведување на тајно гласање помеѓу повеќе кандидати за високите партиски позиции, доколку искрено сакаат да бидат предводници на општествениот прогрес. За да покажете и докажете дека сте способни да им донесете на граѓаните прогресивно општество и утре така и́ да го менаџирате и управувате, ќе мора најпрво да покажете и докажете дека имате прогресивен капацитет во сопствената партија или средина на политички ангажман.

Фактор: Каква треба да биде комуникацијата помеѓу локалната и централната власт, бидејќи досега имаше сериозни меѓусебни обвинувања и префрлање на одговорностите, а од друга страна и сериозни обвинувања кои ги отвори и СЈО за злоупотреба на службената положба и функциите?

Ристовски: Централната и локалните власти мора да бидат во симбиоза и да работат по принципот на синергија. Тие се два важни сегменти на еден систем и од нивната усогласеност во функционирањето зависи ефикасноста и ефективноста на државата и целото општество. Независно дали се со иста или различни политички идеологии, двете власти мора да најдат заеднички именител и своите визии да ги вмрежат низ матрицата на заедничкиот интерес за прогрес и просперитет на нацијата и државата. Доколку се закопаат во своите тесни партиски ровови и не умеат да погледнат во големата слика за иднината на државата, тогаш нема извесност за напредок и просперитет.

Криминалот, митото и корупцијата се рак рана на секое општество. Тие го подгризуваат субстратот и потенцијалот за посериозен општествен развој. Оттука, правната држава и владеењето на правото се услов без кој не се може понатаму. Принципот на поделба на власта е столбот кој ќе мора да му обезбеди доволно простор на судскиот систем за независност во носењето на судските одлуки, во смисла на поттикнување системски реформи и етаблирање на правен поредок кој ќе работи совесно и по словото на законот, еднакво за сите и ослободено од партиски и владини притисоци и влијанија.

Во изборна кампања во принцип се́ е дозволено, освен насилство, кривоклетство, измама и злоупотреби од секаков вид. Критиките и меѓусебните обвинувања кои одат во правец на востановување на повисоко општо добро можеби и можат да имаат некаков ефект. Но, лично јас би бил посреќен кога мојата одлука за кого би гласал, би ја носел на основа на судир на визии, политички концепти и спротивставени модели за идниот развој на државата или локалните региони и населени места.

Фактор: Европската комисија преку прашалници ќе го испитува сработеното на министерствата и текот на реформите што пак ќе има директно влијание на оценката за есенскиот извештај и за евентуално проширување на европското семејство. Што значи ова барање?

Ристовски:Прашалниците се редовна пракса на Европската комисија за секоја земја кандидат во процесот на нејзино приближување кон членство во Унијата. Преку одговорите, секое од министерствата и задолжените институции според поглавјата за преговори за членство, преку Секретаријатот за европски прашања даваат пресек и детален преглед на сработеното, на тоа кое преостанува да се доработи, како и на моменталните пречки и отворени прашања за кои се́ уште државата нема изградено соодветен институционален и кадровски капацитет за решавање или нивна реализација. Тоа е стандардна процедура која има многуструка корисност поради фактот што државата и јавноста стекнуваат увид во сработеното, но и на основа на добиената анализа ќе може да се увидат не само предностите и силните страни, туку и слабостите и заканите по процесот на европска интеграција на државата, што секако е предизвик за секое општество.

Фактор: Во земјава се случува масовен образовен и интелектуален егзодус. Заминуваат студенти, лекари, информатичари. Декларативно се ветува но малку се прави да се задржат младите во земјава. Со каков проблем може да се соочиме и кои треба да бидат приоритетите на идната локална власт?

Ристовски: Вашево прашање бара и малку теоретизирање. Имено, кога станува збор за вакви прашања, секако тие се непосредно поврзани и́ со концептите и моделите за локален економски развој.

Димензиите на локалниот економски развој се следниве:

Квалитет на животот – мерливо според просечните достигнувања кои обезбедуваат општа благосостојба и задоволство од животот на секоја индивидуа

Еднаквост и социјална (општествена) инклузивност – мерливо според обезбедување на правична и праведна (ре) дистрибуција на бенефитите од просперитетот, намалување на сиромаштијата во регионите со такви карактеристики, намалување на инциденците на сообраќаен метеж во поголемите градски средини, заштита на правата на малцинските групи и ранливите категории на население, унапредување на половата еднаквост и обезбедување на еднакви можности за учество во општествениот, економскиот, политичкиот и културен живот во општеството

Еколошка оддржливост – мерливо според просечните достигнувања во обезбедување на заштита на животната средина во поголемите градски центри, како и природните ресурси во помалите локални средини, потоа потрага по ефикасни и ефтини енергетски решенија, поттикнување на креативни решенија кои ја унапредуваат животната средина

Урбано владеење и легислатива – преку развивање на симбиоза помеѓу големите градски центри и локалните средини со цел да дојде до израз функцијата на градовите како катализатори на економски раст и развој за околните локални средини

Продуктивност  - мерливо преку создаденото општествено богатство или генерираниот бруто домашен производ по региони, градски центри и локални средини, значи придонесот на секоја средина во економскиот раст и развој, генерирање на приходи кои ќе создаваат солидна основа за отворање на нови работни места по принципот на еднакви можности за сите

Инфраструктурен развој – мерливо според достигнувањата во обезбедување на инфраструктура за достап до квалитетна вода за пиење, санитарни услови, канализациони системи и системи за третман на отпадни води, квалитетни патишта, информациона и комуникациска технологија, а се́ со цел подобрување на квалитетот на животот на индивидуите, без разлика дали се во село или град, подобрување на општата продуктивност или раст на приходите по глава на жител во секое населено место поединечно, но и поттикнување на мобилност и поврзување на локалните со градските центри и обратно.

Оттука, доколку ги систематизираме политичките визии согласно потврдениве теориски постулати кои модерниот и развиен западен свет оддамна ги проживеал и ги живее како востановен стандард и доколку квалитетот на животот на секоја индивидуа било каде во Македонија, вклучително и нејзината мечта за задоволство од постигнатото во нејзиниот живот ги поставиме највисоко на скалилото на државните приоритети, тогаш убеден сум дека Македонија има шанса и сите ние конечно да влеземе во зоната на благосостојба, прогрес и просперитет повеќе и подобро од било кога досега во нашата блиска и подалечна историја како нација и држава.


Можеби ќе ве интересира

ЗА ИЏЕТ МЕМЕТИ: Обвинителството бара мерки на претпазливост и одземање на пасошот

ЗА ИЏЕТ МЕМЕТИ: Обвинителството бара мерки на претпазливост и одземање на пасошот

ИЉАЗИ ЗА БЕЌАРОВСКИ: Времето на докторот од времето на друже Тито помина

ИЉАЗИ ЗА БЕЌАРОВСКИ: Времето на докторот од времето на друже Тито помина

ПАЛЕВСКИ: Не сум ги сторил убиствата, имам докази

ПАЛЕВСКИ: Не сум ги сторил убиствата, имам докази

МАРИНАКИС: Нема ратификација на Меморандумите од Преспа во сегашната ситуација

МАРИНАКИС: Нема ратификација на Меморандумите од Преспа во сегашната ситуација

КАТИМЕРИНИ: Атина ќе почека владата на Северна Македонија да положи заклетва пред да одлучи за дејствијата што ќе ги преземе

КАТИМЕРИНИ: Атина ќе почека владата на Северна Македонија да положи заклетва пред да одлучи за дејствијата што ќе ги преземе

ВМРО-ДПМНЕ ги подигна 58-те пратенички мандати

ВМРО-ДПМНЕ ги подигна 58-те пратенички мандати

Фантомските работници од „Токсикологија“ подигнале решенија за работа само од организациската директорка

Фантомските работници од „Токсикологија“ подигнале решенија за работа само од организациската директорка

НА РАБОТА ДУР СИ ЖИВ: во оваа земја пензионерите едвај си ги покриваат трошоците, па работат напорна работа и на „стари денови“

НА РАБОТА ДУР СИ ЖИВ: во оваа земја пензионерите едвај си ги покриваат трошоците, па работат напорна работа и на „стари денови“

ПРЕТРЕС И КАЈ ПОРАНЕШНИОТ НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ МЕМЕТИ: Осомничен е за поткуп

ПРЕТРЕС И КАЈ ПОРАНЕШНИОТ НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ МЕМЕТИ: Осомничен е за поткуп