Европскиот двоец потсети на домашната задача која Македонија мора да ја заврши
Објавено во: Македонија 19 Март, 2019
Во ЕУ има оптимизам, но не се знае сигурно дали земјава ќе добие датум за преговори.
Високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини по денешната средба во Брисел на премиерот Зоран Заев изјави дека е задоволна со каква динамика се движат реформите во Македонија. Сепак, таа е свесна за слабостите кои ќе треба во иднина да се поправат.
Еврокомесарот Јоханес Хан напомена дека се потребни реформи во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на разузнавачките служби и јавната администрација.
„Промените во легислативата се позитивни и неопходни, но сакаме да видиме и трајна промена на менталитетот и однесувањето. Тоа е нешто што е многу поважно во поглед на успешен процес за зачленување во ЕУ“, изјави Хан, еврокомесар за проширување.
Могерини очекува опозицијата да биде конструктивна.
На претседателските избори европскиот двоец гледа како на обврска за сите политичките партии тие да бидат добро спроведени и да ја покажат својата демократската зрелост.
Премиерот Заев вети дека Владата ќе работи на реформите со засилено темпо.
Франција и Холандија се земјите кои не се сигурни дека Македонија треба да ги почне преговорите со ЕУ. Кај овие две земји постои скепса, и нивните политички челници деновиве тоа го кажаа. Белгија има помек став во однос на ова прашање.
Во јуни ќе се знае дали Македонија ќе добие датум за преговори.