24 Септември, 2020
0.0356

ЕКСПЕРТИ: ГАЗДИТЕ НЕПЛАЌАЧИ НЕМА ДА ОДГОВАРААТ КРИВИЧНО, НИТУ ЌЕ ДОЗНАЕМЕ КОИ СЕ - еве кои се причините

Објавено во: Економија 11 Август, 2020

Газдите што не им поделија плата на работниците, а за таа намена зедоа парична помош од државата, нема да одговараат ниту кривично, ниту мтеријално. Единствено може да настрадаат директорите, а ние никогаш нема ниту да дознаеме кои биле тие газди.

Ова се стравувањата и сомневањата на дел од експертите, кои за Фактор укажуваат дека ова може да се случи од причина што во нашиот Кривичен законик не е пропишана казна за кривично дело - злоупотреба на државната помош. 

Славко Лазовски, даночен експерт, за Фактор вели дека за разлика од хрватските закони, кај нас за ова дело не може да им се изрече казна на газдите.

„Во нашиот Кривичен законик нема пропишано казна за кривично дело - злоупотеба на државната помош. Во Казнениот закон на Република Хрватска јасно има пропишана казна по член 258 - насловен со: ‚Субвенциска превара'. Кај нас не само што нема кривично-казнена одредба, туку во Кривичниот законик јасно и недвосмислено е потенцирано начелото кое гласи: ‚На никого не може да му се изрече казна или друга кривична санкција за дело кое, пред да биде сторено, не било со закон определено како кривично дело и за кое не било пропишана казна со закон“, нагласува Лазовски.

Понатаму, овој експерт легитимно го поставува прашањето: 

Што правиме сега? Кому му се мачкаат очите? И не само тоа. Упорно се употребува терминот: ‚газдите'. Газдите не одговаат ниту кривично ниту материјално. Тие одговараат само за употребта на дивидендата и за ништо друго. Одговорноста ќе падне на извршните директори и управителите на друштвата. Ние нема ниту да ги дознаеме имињата на газдите“, укажува Лазовски.

А Владата најави дека ќе поднесе кривични пријави до Јавното обвинителство против компаниите, кои и покрај последните опомени и рокот што им беше даден, до петокот минатата недела не ги исплатија платите на своите работени. 

Генералниот секретар Драги Рашковски вчера дочна вечерта за дел од медиумите тврдел дека го потпишал списокот на фирми неплаќачи кој што треба да стигне до обвинителството. Нагласил дека ОЈО се тие што треба да утврдат одговорност.

А Фактор иако бараше, од Владата не успеа да добие одговор од неа дали во текот на вчерашниот ден кривичните пријави биле поднесени како што беше ветено. 

Фактор се јави и во Јавното обвинителство, дали се стигнати кривичните пријави против фирмите од Владата, и каква ќе биде натамошната постапка против овие компании неплаќачи, но оттаму ни рекоа дека одговорот треба да го добијат од Обвинителството за организиран криминал, што ќе се случи дури откако крвичните пријави би ги доставила Владата.

Она што е факт, е дека и покрај тоа што Владата на фирмите неплаќачи им прогледа низ прсти и им остави на располагање дополнителен рок за да се раздолжат кон своите вработени, не сите од нив ја искористија таа прилика. 

Односно, заклучно со петокот кога беше поледниот ден од дадениот рок, се уште имало 344 компании, кои и покрај сите молби, опомени и закани со кривични пријави, не им ги исплатиле платите на работниците. 

Сепак, ако на стартот имаше такви 708 фирми, добро е што барем половината се исплашија и ги исплатија платите.

Е сега, што ќе се случи со овие 344 компании и нивните газди, и дали тие ќе одговараат кривично, тоа останува да видиме во наредниот период.

Од Управата за јавни приходи за Фактор потврдија дека станува збор за 344 фирми кои не ги исплатиле априлската и мајската плата на своите работници.  

„Во врска со Вашите прашања известуваме: Листата на фирми кои не исплатиле плата на своите вработени, а на кои им биле исплатени финансиски средства за исплата на плата за своите вработени, секојдневно се ажурира и истата се доставува до Генералниот Секретаријат на Владата. Заклучно со плаќањата до 07.08.2020 година, за април не исплатиле плати 147 фирми, а за мај 197 фирми на кои им била исплатена финансиска помош“, велат од Управата за јавни приходи. 

А според даночниот експерт Павле Гацов, пак, Законот за работни односи определува рок за исплата на платата и санкции за непочитување на овој рок, а Кривичниот законик дополнително кршењето на правата од работен однос на работникот ги дефинирал како кривично дело.

Прописи кои ја уредуваат обврската и рокот за исплата на плати, според Гацов, се Законот за работните односи и Кривичниот законик. 

„Согласно со членот 109 од ЗРО, платата се исплатува за периоди кои не смеат да бидат подолги од еден месец. Платата се исплаќа најдоцна 15 дена по изминувањето на исплатниот период (месец). Со член 265 став 1 точка 10 е предвидена глоба од 3.000 евра за работодавачот (правно лице) и 900 евра за законскиот застапник (директорот) ако не е исплатена платата во законскиот рок“, стои во Законот за работни односи“, објаснува Гацов. 

Во Кривичниот законик, пак, е наведено што е повреда на правата од работен однос. 

„Според член 166 (1) „Тој што свесно не се придржува кон закон, друг пропис или колективен договор, за засновање или престанок на работниот однос, за платата и надоместоците на платата, работно време, одморот или отсуството, заштитата на жената, младината и инвалидите или за забрана на прекувремената или ноќната работа и со тоа повреди, одземе или ограничи право што на работникот му припаѓа, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. (2) Тој што ќе побара од работник да му врати или ќе прими одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот, ќе се казни со затвор од три месеци до една година. (3) Со казната од ставот (2) ќе се казни работодавачот кој на работник ќе му врачи отказ поради тоа што го пријавил работодавачот или дал исказ во својство на сведок за тоа дека му побарал на работникот да врати одреден износ од плата или други надоместоци исплатени од работодавачот или не го вратил износот. (4) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна“, ги наведува Гацов деловите од Кривичниот законик кои се однесуваат на оваа проблематика. 

Владата најави дека овие газди, покрај тоа што ќе треба да платат казни, ќе треба и да и ги вратат парите на државата што од неа ги зеле како парична помош.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Владата сака да гради пруга до Струга, а МЖ Инфраструктура не може да врати 10 милиони евра

Владата сака да гради пруга до Струга, а МЖ Инфраструктура не може да врати 10 милиони евра

Драстичен пад на доходот на домаќинствата: А колку ќе не сотре Ковид?

Драстичен пад на доходот на домаќинствата: А колку ќе не сотре Ковид?

НОВИ ЗАГРИЖУВАЧКИ БРОЈКИ НА АГЕНЦИЈАТА - дури 40 илјади новорегистрирани невработени

НОВИ ЗАГРИЖУВАЧКИ БРОЈКИ НА АГЕНЦИЈАТА - дури 40 илјади новорегистрирани невработени

РЕКОРДЕРИ ВО ЕВРОПА: БДП на земја од регионот отиде на дното

РЕКОРДЕРИ ВО ЕВРОПА: БДП на земја од регионот отиде на дното

НОВА ЛИСТА: Познато е кои се десетте најбогати држави во светот

НОВА ЛИСТА: Познато е кои се десетте најбогати држави во светот

Генерали Инвестментс: Инвеститорите немаат вистинска алтернатива

Генерали Инвестментс: Инвеститорите немаат вистинска алтернатива

ФИТР: 2,35 милиони евра за поддршка на 84 микро и мали стартап компании

ФИТР: 2,35 милиони евра за поддршка на 84 микро и мали стартап компании

Битиќи: Се преговара со четири странски инвестиции

Битиќи: Се преговара со четири странски инвестиции

Догодина ќе се градат две фотоволтаични електрани во Осломеј: Има заинтересирани компании

Догодина ќе се градат две фотоволтаични електрани во Осломеј: Има заинтересирани компании