ДОГОВОР ИМА, ЗА ДЕТАЛИТЕ ЌЕ ПОЧЕКАМЕ: Заев, Села и Гаши се договорија за државјанствата
Објавено во: Македонија 16 Април, 2021
Има решение за Законот за државјанства, но детали засега не се соопштуваат.
Премиерот Зоран Заев и лидерите на опозициските албански политички партии Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши на средбата во Собрание постигнаа договор, но детали ќе се соопштат откако ќе се стави на хартија предлогот со точни правни формулации.
„Ова што го договоривме ќе го ставиме на хартија, бидејќи има и правни формулации, за потоа да можеме и да ги соопштиме и самите детали“, изјави Заев.
На законското решение ќе се работи веднаш. На средбата присуствуваа и министерот и заменик-министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и Назим Буши, пратеничката Илире Дути од Алијанса за Албанците, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа, кој е кадар на партијата БЕСА. Претходно, споменатите партии ја блокираа работата на Собранието, со барање да се најде решение и за државјанствата. За тоа колку граѓани има во земјава кои се без државјанство, се споменуваа различни бројки.