Добивај вести на Viber
Вчера лидерот на ВМРО ДПМНЕ Груевски ја посети дел од трасата каде се гради автопатот Демир Капија Смоквица, каде се увери дека работите се одвиваат со соодветна динамика. Автопатот почна да се гради во септември 2012 година, а со неговата изградба се очекува да се скрати времето на патување и да се овозможи поголема безбедност во сообраќајот.
Сепак засега постои доцнење во роковите за изградба, бидејќи првично требаше да биде готов до есенва, но сега се пролонгира за напролет.
Изградбата на Автопатот ја следеа многу контроверзи
Медиумите во Грција објавуваа дека грчките надлежни институции покренале истрага против компанијата Актор, за наводен поткуп на официјални претставници во Македонија за да ја добијат работата на делницата Демир Капија-Смоквица.
Во извештајот на ОЕЦД на кој се повикуваат грчките медиуми со наслов “Случај изградба на автопат” стои дека Грција го детектирала случајот од статиите во медиумите испратени од страна на Работната група на ОЕЦД во мај лани.
-Грчка градежна компанија наводно понудила поткуп на официјални претставници од ПЈРМ за да го добијат договорот вреден 270 милиони евра за изградба на автопат во таа земја. Градежните работи на Демир-Капија Смоквица почнаа во септември 2012 година, а грчката компанија го доби договорот иако имаше значително повисока понуда од околу 40 милиони евра во однос на конкурентите. Вклучени се филијала на грчката компанија во поранешната југословенска Република Македонија и поединци од Грција. Во Грција прелиминарната истрага за перење пари и мито е во тек. Грција побарала правна помош од ПЈРМ во јуни 2014 годинадодека чека одговор на барањето, побарала за помош да посредува европскиот Еуроправда,
се наведува во извештајот на ОЕЦД објавен на 20-ти овој месец.
Во Скопје пак СДСМ обвини за афера АКТОР, во која се тврдеше дека во кеш се одлевани пари од компанијата. Обвинителството покрена случај но засега нема разврска. Се очекува дека и откако ќе заврши изградбата, да продолжат двете паралелни постапки што ги водат обвинителствата во Македонија и Грција.
Ќе се комплетира коридор 10
Нова патна делница по Kоридорот 10 со должина од 28 километри се гради надвор од демиркаписката клисура од десната страна на реката Вардар и поминува низ живописна природа и се одликува со благи кривини и угорнини.
Со завршувањето на патната делница од Демир Kапија до Смоквица ќе се комплетира автопатскиот дел од стратегискиот Kоридор 10 на македонска територија. Оваа инфраструктурна артерија нашата земја ја поврзува на север со Европа и на југ со Солунското пристаниште, а дури 70 отсто од увозот и извозот се одвиваат по неа.