Добивај вести на Viber
САД бара да се заштити интегритетот на системот за издавање на пасоши.
Американската амбасадорка Кејт Брнз на денешната средба му потенцираше на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека е многу важно да го заштити интегритетот на системот за издавање пасоши, информираше Американската амбасада во Скопје.
„Свесни за комплексноста на случајот со пасошите и потребата да се осигура темелна истрага, амбасадорката ја нагласи важноста да се заштити интегритетот на системот за издавање пасоши на Северна Македонија. Амбасадорката и министерот се согласија дека е важно да се изолира овој и другите неодамнешни случаи од политиката и да се осигура независна и брза истрага“, се вели во соопштението по средбата на Спасовски и Брнз.
На 6 април се уапсени деветмина полициски службеници, вработени во пасошкото одделение на МВР, кои продавале патни исправи со туѓ идентитет на странски државјани и на криминалци. Групата направила 215 македонски пасоши со туѓ идентитет. Нив ги добиле 214 странски државјани, а само еден бил за наш државјанин. Обвинителството завчера поднесе обвинение против 10-темина членови на организираната група во случајот „Двојник“. Спасовски деновиве изјави дека истрагата ќе се прошири.