19 Мај, 2024
0.0267

Азески: Наместо домашни и странски инвеститори, треба да гледаме на успешни и неуспешни

Објавено во: Економија 28 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Странските инвестиции за економијата на било која земја имаат повеќедимензионално значење - тие не само што придонесуваат за зголемување на пазарната конкуренција, за раст на извозот и на вработеноста, туку носат и нови практики, технолошки иновации и нови знаења, како и  поефикасно корпоративно управување. 

Несомнено е дека странските инвестиции овозможија напредок во македонската економија, а бенефитот од нив веќе се чувствува во економијата.Работењето на странските инвестиции во последните години влијаеше на  диверзификација на нашиот извоз, како во поглед на производите и дестинациите, така и во поглед на зголемената технолошка интензивност.

  Речиси 40% од целиот годишен извоз на Македонија во 2016 година го сочинуваа производи кои се произведени во слободните економски зони. Вкупниот извоз на компаниите од зоните во 2016 година изнесува 1,71 милијарди евра и порастот на извозот во однос на 2015 година изнесува 16,33%. Овој тренд продолжи и во 2017 година -  извозот на компаниите од слободните економски зони надмина 2 милијарди евра,  што претставува пораст од 29,2% во однос на остварениот извоз во 2016 година.

Потребно е да се истакне значењето на странските инвестиции и во диверзификација на производите што се извезуваат во странство, имајќи во предвид  дека листата на донеодамна традиционалните главни производи од домашните металска, текстилна и хемиска индустрија, кои имаа доминантно место во извозот, сега е проширена на производи кои се произведуваат во претпријатија со странски капитал, како што се катализаторите, автобусите, автомобилските делови, производи од хемиската индустрија, опремата и машините. Имено, дури половина од извозот на Македонија во 2016 година се прави со 10 производи, од кои седум се произведуваат во фабриките кои странските производи ги произведуваат во слободните економски зони. Ако претходно најизвезувани производи беа челикот, нафтените деривати, сега по влезот на странските фабрики, Македонија најмногу извезува автомобилски делови, односно катализатори и филтри за прочистување, спроводници за автомобили, автобуси, седишта за автомобили….

Треба да се потенцира и фактот што производните капацитети на странските инвеститори се градат низ сите региони во земјава, што е многу важно за рамномерен регионален развој и намалување на невработеноста на регионално ниво.

Сепак, разликувањето на домашни и странски компании е одамна надминато. Тоа што секој економски модел треба да го има во вид е дали компанијата е успешна или не, и да се настојува со сите ресурси да се поддржат и поттикнат успешните компании, за да придонесат да ја достигнеме посакуваната стапка на економски раст. Единствено успешните компании можат да бидат главните носители на економскиот раст.

Се поставува прашањето како државата може да им помогне на успешните компании да станат поуспешни?

Прво, тоа би вклучувало промена на целиот економски модел, така што ќе се создадат еднакви услови за игра, без оглед на потеклото на капиталот на компанијата. Единствениот критериум што треба да биде земен предвид е успешноста на компанијата, и изгледите таа да генерира висок економски раст. Тоа би вклучувало обезбедување на рамноправен третман на домашните со странските инвеститори. Во таа насока, потребно е да се донесат повеќе мерки во насока на подобрување на условите за водење на бизнис, односно за зголемување на конкурентноста на домашните фирми.Ова пред се`, се однесува на рамноправен третман на домашните компании со странските во делот на поддршка на извозни програми, за што треба да се изгради соодветна системска регулатива, како и субвенционирање и на домашните компании со државна помош во делот на вработување и стручно оспособување.

Исто така потребно е и државата да даде импулс и поддршка на домашните компании за модернизирање на производството, зголемување на капацитетите и подигнување на стандардите.Континуирано  мора да се работи на подобрувањето на конкурентноста на домашните компании до степен да можат да се вклучат во синџирот на добавувачи на мултинационалните компании локално, а и во глобални рамки. Паралелно со тоа,  Македонија како држава мора преку образовниот систем мора да почне да ги насочува младите кон дефицитарните професии во нашата економија и креирање на што поквалитетен кадар кој ќе поседува апликативно знаење и вештини.

Второ, потребно е да се поттикнат успешните компании да соработуваат помеѓу себе. Тоа би вклучувало и поттикнување за унапредување на соработката помеѓу домашните компании со странските компании.

Во моментов, се проценува дека околу 500 домашни фирми соработуваат со странските инвеститори со испорачана вредност од 50 милиони евра. Додадената вредност, т.е. „чистата“ нова вредност генерирана од компаниите во ТИРЗ изнесува околу 617 милиони евра, за последните четири години. Вредноста на вкупните инвестициски набавки (набавка на основни средства) направени од домашни субјекти е проценета на околу 148 милиони евра, додека вредноста на вкупните расходи за стоки и услуги набавени на домашен пазар изнесува околу 78 милиони евра.

Од просечно учество во БДП од 0,6% за периодот 2011 - 2013 година, нето-извозот на компаниите од ТИР зоните достигна 3,8% од БДП во 2016 година. Учеството на извозот на компаниите од ТИРЗ во вкупниот извоз на стоки од економијата постојано се зголемува, достигнувајќи 47,1% од вкупниот извоз во 2016 година. Како резултат на тоа, растот на извозот на новите фирми претставува основен движечки фактор за раст на целокупната извозна активност на земјата, во услови кога придонесот на останатите традиционални извозни сектори е мал или во изминатите години, негативен. Од друга страна, имајќи предвид дека овие компании увезуваат репроматeријали и опрема од странство, учеството на увозот на овие капацитети во вкупниот увоз на стоки, исто така, континуирано расте, но сепак со побавна динамика во однос на растот на извозот (учество од 27,3% во вкупниот увоз, во 2016 година). Ваквите движења на извозот и увозот на стоки на избраните компании, во анализираниот период условуваат и континуирано намалување на увозната компонента на извозот т.е. постојан раст на додадената вредност на извозот на стоки.

Заклучок

Тоа што странските компании го имплементираат како работен процес, менаџерски пристап и размислување, етичко работење, ефективност, заштита на животна средина, професионално усовршување, како и трансфер на технологија и знаење се најголеми придобивки кои би го подобриле нашето ниво на конкурентност. Со тек на време преку локалната соработка ваквиот систем на корпоративно управување ќе премине и кај домашните компании и ќе придонесе за долгорочно подобрување на имиџот на државата.

За домашните компании соработката значи повеќе работа и развој, трансфер на знаења и нови технологии, нови стандарди, како и зголемена конкурентност и секако можност за извоз на странски пазари. Од тие причини македонските компании треба да се ангажираат во правец на интензивирање на соработката со странските компании кои работат во земјава, да бидат поагресивни и да им се наметнат на странските компании, а тоа значи пред сé со квалитетни производи, конкурентни цени и поседување на потребните сертификати за квалитет. Заедно со нив можат да остварат технолошки напредок, како и воведување современи менаџерски знаења. А, кога еднаш ќе се стане добавувач на странска компанија, тогаш е полесен и патот кон странските пазари.

Бранко Азески, претседател

Стопанска комора на Македонија

Можеби ќе ве интересира

Сопственикот и главниот оперативен тим одушевени од развојот на Костал во Охрид, компанијата почнува сериско производство на технолошки најнапредна електроника за Фолксваген

Сопственикот и главниот оперативен тим одушевени од развојот на Костал во Охрид, компанијата почнува сериско производство на технолошки најнапредна електроника за Фолксваген

Георгиева-Јовевска избрана за една од најуспешните жени менаџерки во земјата

Георгиева-Јовевска избрана за една од најуспешните жени менаџерки во земјата

Советничката Милица Арнаудова - Стојановска: Мерките на Народната банка го поттикнуваат „зеленото“ кредитирање

Советничката Милица Арнаудова - Стојановска: Мерките на Народната банка го поттикнуваат „зеленото“ кредитирање

ВАЛУТИ: Вредноста на доларот ослабе, а еврото зајакна

ВАЛУТИ: Вредноста на доларот ослабе, а еврото зајакна

СРЕБРОТО ПОЕВТИНИ: Златото и натаму поскапува

СРЕБРОТО ПОЕВТИНИ: Златото и натаму поскапува

Можеби ќе ви помогне ако патувате во Европа: Еве каде се највисоки а каде најниски цените на горивото

Можеби ќе ви помогне ако патувате во Европа: Еве каде се највисоки а каде најниски цените на горивото

ВУЧИЌ Е ЗАДОВОЛЕН: Koлку работници се вработени во српските фирми преку „Отворен Балкан“?

ВУЧИЌ Е ЗАДОВОЛЕН: Koлку работници се вработени во српските фирми преку „Отворен Балкан“?

АЗЕСКИ: Господ да му е на помош на тој што ќе донесе милијарда евра

АЗЕСКИ: Господ да му е на помош на тој што ќе донесе милијарда евра

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скап ли е такси превозот во Скопје? Колку заработуваат најпопуларните компании?

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скап ли е такси превозот во Скопје? Колку заработуваат најпопуларните компании?