5,02 денари за KWh струја во првите шест месеци годинава
Објавено во: Економија 31 Август, 2016
5,02 денари за KWh изнесува малопродажната цена на електричната енергија за домаќинствата ширум земјава плаќана во првото полугодие на 2016.
Статистиката бележи пад од 1,65 отсто во споредба со второто полугодие од 2015 година.
Тоа значи деа просечната цена на електричната енергија без данок на додадена вредност за индустријата се движи од 3,14 до 8,27 денари по KWh, по групи на потрошувачи.
Од 14,09 до 16,80 денари по nm3, пак се движела просечната цена на природниот гас без ДДВ за индустријата.
Од 1 јули годинава цените на електричната енергија за домаќинствата се намалија за 0,25 отсто.
Според надлежните причина за поевтинувањето се помалите трошоци што ги пријавиле енергетските компании.
Кај ЕЛЕМ Производство цените се намалуваат за 0,01 процент, кај МЕПСО за 7,99 отсто, а кај ЕВН Дистрибуција за 9,71 процент.
Ова е втора година по ред како поевтинува струјата за домаќинствата. Лани се намали за 0,33 отсто.
Според последните податоци од Евростат, Македонија плаќа најевтина електрична енергија во Европа.
За опозицијата ова намалување на цената на струјата беше скандалозно.
Регулаторната комисија за енергетика, цената на електрична енергија ја намали за скандалозни 0 проценти и 25 промили.
„Укажуваме дека постои реална можност за намалување на цената на струјата – не во промили, туку за десетици проценти, бидејки од лани е падната цената на електричната енергија на регионалните берзи, и граѓаните веќе со месеци плаќаат поскапа струја“, вели Митко Андреевски од СДСМ.
Со денешната Одлука, вели Андреевски, регулаторната комисија за енергетика повторно ги штити бизнисите на трите енергетски компании и нивните соработници и дозволува граѓаните да плаќаат скапа струја, овој пат поради милионски рајски градини, ски центри, обезбедувања, фасади и редица други проекти што немаат врска со енергетиката.
„Досега апелиравме, денеска порачуваме: Ќе има Ревизија на денешната одлука на Регулаторната комисија. Ќе има ревизии и на сите претходни одлуки поради коишто во изминатите 10 години цената на струјата е покачена за речиси 100 проценти“, додаде Андреевски.