06 Мај, 2024
0.0277

ЗОРАН ЗАЕВ НЕ ЈА ДАВА СТРУМИЦА, ВМРО-ДПМНЕ СИ ГО ВРАЌА ОХРИД - како се гласаше во внатрешноста

Објавено во: Македонија 22 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Големата апстиненција на македонските гласачи споредено со изборите во 2016 година е видлива во речиси секоја општина. Блиц сонадажата на неколку поголеми населени места во сите шест изборни единици, покажува дека добар дел од граѓаните овој пат својот став за политиката го искажале со неизлегување на гласачките места.

Вчерашната анализа на Фактор на првата и втората изборна единица говори дека СДСМ дефинитивно ќе мора многу повеќе да се посвети на скопското гласачко тело, како и дека најверојатно е рано за предизборни коалиции од типот на онаа со Беса.

Прегледот што Фактор го прави веќе втор ден, овој пат во градовите надвор од метрополата, покажува дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ победила во помалите, додека владејачкиот СДСМ генерално бил подобар во поголемите градски средини, или, се водела докрај незивесна битка, како на пример во Штип. За Прилеп, пак, се тврди дека во градот сепак победиле социјалдемократите, но тесното водство на ВМРО-ДПМНЕ му го донеле околните села. ДУИ овој пат ја покажа на дело доминацијата во речиси сите средини со доминантно албанско население, освен Гостивар.

Куманово е општина што беше интересна на овие избори, меѓу другото и заради искричењата што во предизборниот период постоеја меѓу кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и техничкиот премиер Оливер Спасовски, но и целиот партиски естаблишмент, откако на градскиот татко му беше поднесена кривична пријава. Кривичната беше отфрлена, а овие бранувања сепак не му наштетија на сдсмовскиот резултат во нивниот бастион, па партијата на Зоран Заев таму го победи ВМРО-ДПМНЕ со безмалку четири илјади гласа разлика. Односно, СДСМ имаше 17.254 гласа, наспроти ВМРО-ДПМНЕ со освоени 13.627 гласачки ливчиња. И двете партии загубиле гласови во споредба со 2016 година, но загубата е поголема кај ВМРО-ДПМНЕ, која претходно имала 20.677 гласа, додека, пак, СДСМ тогаш добиле 22.216 гласачи.  

Македонски Брод е општина која се наоѓа повеќе кон западниот дел на земјава, во Поречката област, но е сместена во првата изборна единица. Таму ВМРО-ДПМНЕ воделе и во 2016 година, но евидентно е дека на овие избори ја изгубиле предноста во однос на СДСМ, бидејќи кај нив и се стопиле повеќе гласови во однос на претходното изборно соочување. Или, партијата на Христијан Мицкоски освоила 1.746 гласа на овие избори, наспроти социјалдемократите, кои прокнижиле 1.457 гласачки ливчиња. Пред три и пол години, пак, ВМРО-ДПМНЕ имале 2.189 гласа на нивно конто, а СДСМ 1.652, што покажува дека и двете партии, сепак, загубиле гласачи на овие парламентарни избори во однос на претходните.

Што велат бројките за Истокот, односно Третата изборна единица.

Во Велес СДСМ за малку загуби од ВМРО-ДПМНЕ, односно за нешто повеќе од илјада гласа. Партијата на Мицкоски таму освои 10.380 гласа, а СДСМ 9.279. Сепак, во 2016 година водството на ВМРО-ДПМНЕ било поубедливо, со над три илјади гласа разлика, и тогаш вмровците таму имале 16.534 гласа, додека партијата на Зоран Заев освои 13.464 гласачки ливчиња. Во секој случај, двете најмоќни партии во Велес имаат пад на гласовите, додека, пак, Левица значајно пораснала од пред три и пол години, од 628, таа скокнала на 2.291 глас на овие избори, или за околу четири пати повеќе. Во оваа општина ДУИ има видлив раст, од 331 глас во 2016 година, до 997 на сегашното изборно соочување, додека, пак, Алијанса со Алтернатива немале воопшто гласови тогаш, а сега имаат 266. ДПА, пак, се свела од 102, на 32 гласа на овие избори.

Во Берово СДСМ го потврдиле победничкиот скор, освојувајќи 3.315 гласа, наспроти ВМРО-ДПМНЕ со 2.846. И во 2016 година СДСМ таму биле победници, дпобивајќи 3.996 гласачки ливчиња, но нивната предност тогаш била помала од онаа на ВМРО-ДПМНЕ, кои имале 3.856 гласа. Левица, пак, имала пораст во оваа општина, прокнижувајќи 156 гласови на свое конто.

Социјалдемократите во Делчево не само што победиле, туку и го зголемиле своето водство во однос на изборите во 2016 година. Сега имаат 4.428 гласа, што е раст во однос на 4.110 гласачки ливчиња пред три и пол години. ВМРО-ДПМНЕ, пак, тогаш биле победници, со 4.375 гласови, но сега не само што ја загубија општината, туку и безмалку илјада гласови, сведувајќи се на 3.427 гласачки ливчиња на овие избори. И овде Левица има пораст на гласовите, иако е далеку од големите партии.

И за Кочани партијата на лидерот Заев има причини за славење, бидејќи сега победила, иако тесно, наспроти изборите во 2016 година, кога со околу илјада гласа ја загуби општината. Или, СДСМ таму има 7.660 гласа, наспроти 7.176 на ВМРО-ДПМНЕ, додека, пак, пред три и пол години социјалдемократите имале 9.731 глас, а вмровците 10.792 гласа. Двете партии ја намалиле бројката на освоени гласови, наспроти Левица која има трикратен раст, освојувајќи 675 гласа. Она што е интересно во оваа општина е што неколкукратен раст на гласовите има ДУИ, од само 30 гласа во 2016 година, на овие избори освоиле дури 410.

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, има причини за славење во неговата родна Крива Паланка. Таму социјалдемократите водат со две и пол илјади гласа, наспроти претходните избори кога загубиле од ВМРО-ДПМНЕ. Или, сега СДСМ има освоено 6.961 глас, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ кои имаат 4.495 гласови. Во 2016 година, пак, со 6.519 гласа воделе ВМРО-ДПМНЕ, наспроти СДСМ кои имале 5.881 глас.

А Свети Николе си останала општина во која победува ВМРО-ДПМНЕ, исто како и пред три и пол години. Двете партии добиле помалку гласови од претходните избори, па сега партијата на Мицкоски има 4.358 гласа, а таа на Заев освоила 3.171 глас, или разликата е над 1.000 гласови.

За влакно, односно со само 64 гласа ВМРО-ДПМНЕ победиле и во Штип, но со многу помала разлика од претходните избори. Сега таа партија има 10.141 глас, наспроти СДСМ кои имаат 10.077 гласа. Поголема разлика имало во 2016 година, кога ВМРО-ДПМНЕ ги победиле СДСМ со 14.333 гласа, наспроти 13.459. Во градот под Исарот Левица има одличен резултат, освоила 1.257 ливчиња, а претходно имала 399.

ВМРО-ДПМНЕ победиле и во Босилово, исто како и во Гевгелија, каде имаат 5.768 гласа, наспроти 5.692 на СДСМ. Во однос на претходните избори, и двете партии загубиле по околу две илјади гласови.  

Повеќето кавадарчани, односно 9.109 граѓани, гласале за ВМРО-ДПМНЕ, наспроти 8.474 колку што својот глас го дале за СДСМ. Ова се многу помал број на гласачи и за двете партии во однос на 2016 година, кога партијата на Мицкоски имала 12.329 гласачи, а на Заев изброила 11.465 гласачи. Како и во другите градови, Левица има за четири пати повеќе гласачи, од 229, на 891 гласач на овие парламентарни избори.

Колку имало мртва трка меѓу двете партии говори и фактот што во Прилеп ВМРО-ДПМНЕ можат да се прогласат за победници со водство од само 300 гласа, освојувајќи 17.366 гласа, наспроти СДСМ со 17.044 гласачки ливчиња. Разликата, исто така во корист на ВМРО-ДПМНЕ, била поголема во 2016 година, кога оваа партија освои 23.662 гласа, наспроти 22.545 гласови за СДСМ. Повторно имаме по неколку илјади изгубени гласови за двете големи партии, наспроти Левица која тогаш имала 469, а сега достигнала 2.054 глсови.

Радовиш, пак, може да се смета за добиена општина за СДСМ, со нешто над 700 гласа повеќе од ВМРО-ДПМНЕ. Или, социјалдемократите ја добиле довербата на 5.709 радовишани, наспроти 4.977 гласови колку што освоиле вмровците. Во 2016 година, пак, ВМРО-ДПМНЕ биле во сосема мало водство пред СДСМ, а двете партии имале по околу 7.400 гласови, односно и овде станува збор за изгубени глсови кај двата најголеми политички ривали.

И лидерот на СДСМ Зоран Заев има причини да биде радосен што неговиот СДСМ ја однесе победата во родната му Струмица, поведувајќи со 14.606 гласа пред ВМРО-ДПМНЕ, кои таму имаат 10.886 ливчиња, што е безмалку четири илјади гласови разлика. СДСМ во оваа општина победиле и во 2016 година, со 17.874 гласа, наспроти ВМРО-ДПМНЕ кои има 15.129 гласови. А и во Струмица имало „левичарско“ расположение, па партијата на Апасиев избројала 1.158 гласови, наспроти 232 пред три и пол години.

Уште еден голем град остана во владение на социјалдемократите, а тоа е Битола, каде тие поведоа со 19.605 гласови, наспроти 18.501 глас на ВМРО-ДПМНЕ, што значи остварија водство од над 1.000 глсови. Во 2016 година тие имале многу поголем победнички скор, од околу 3.000 гласа, односно 26.741 наспроти 23.868 на ВМРО-ДПМНЕ. Левица двојно го зголемила бројот на гласачи, а за ДУИ бројот на гласовите пораснал од 997, на 1.586 на овие избори.

Кичево е вмровски бастион, таму оваа партија остварила водство од 6.426 гласа, наспроти 3.723 на Можеме на СДСМ и Беса. Предност имале и во 2016 година, со 8.946, наспроти 5.242 гласа на СДСМ. Во таа општина ДУИ се зајакнале, од 2.604 гласа во 2016 година, на 3.480. Пораст имаат и Левица и Алијанса, наспроти ДПА која има пад.

Охрид го доби ВМРО-ДПМНЕ, со 12.480 гласа наспроти 10.813 гласови на СДСМ. Партијата на Мицкоски и во 2016 година победила во Охрид, со речиси идентична разлика, со тоа што повторно и двете партии имаат голем број загубени гласови. Пораст, пак, имаат ДУИ, која сега освои 1.545 гласови, како и Левица со 1.240 гласови на овие избори.

Затоа, пак, СДСМ оствариле водство во Ресен, каде благо беа поразени на претходното парламентарно соочување.

Во Струга, пак, пресвртница, ДУИ ја презема оваа општина од Алијанса со Алтернатива. Односно, партијата на Ахмети во Струга прокнижила 7.228 гласови, наспроти Алијанса со Алтернатива, со 6.318 гласови. А партијата на Села водеше во таа оптина на изборите во 2016 година, со 5.730 гласа, наспроти 4.515 на ДУИ. СДСМ со многу мала разлика е пред ВМРО-ДПМНЕ во таа општина, а таа била поголема пред три и пол години. А ДПА, ако имала некакво влијание во Струга, сега како целосно да го изгуби, сведувајќи се од 1.770 на смо 313 гласови на овие избори.

А во шестата изборна единица, ако се набљудува Гостивар, таму Алијанса и Алтернатива целосно ја однеле победата над ДУИ, со 10.548 гласа спрема 6.917. Во 2016 година победници биле интегративците, со 8.444 гласа, додека Алијанса тогаш имале 6.275 гласа. Сега Алијанса со Алтернатива имаат голем раст на гласовите, наспроти ДУИ кои имаат минус. СДСМ во таа општина води пред ВМРО-ДПМНЕ, исто како и во 2016 година, но и двете партии имаат пад на гласовите. Затоа, ДПА и таму е во лоша позиција, од 2.468 гласа, паднала на  598 на овие избори.

А во Тетово, пак, повторно се гледа колку коалицијата со Беса не им донесе бенефит на СДСМ. Таму Беса на претходните избори имала 8.512 гласа, а СДСМ 7.252. На овие избори, пак, коалицијата можеме освои вкупно 7.417 гласа, што практично значи дека ниту еден од тогашните гласови на Беса, не отишле на контото на СДСМ. Наспроти тоа, пак, Алијанса тогаш имале 3.619 гласа, а сега во коалиција со Алтернатива изброиле дури 8.412 гласови во нивна полза. Сепак, тоа им го донесе второто место, после ДУИ, кои сега избројаа 11.909 гласови, наспроти 10.769 во 2016 година, што значи дека и кај нив има раст, но послаб од политичките ривали. ВМРО-ДПМНЕ во Тетово изгубиле многу гласови, па сега имаат 5.483 гласа, што е голем минус во однос на 2016 година, кога освоија 8.040 гласа. ДПА има пад, но во оваа општина барем не е толку драматичен, од 7.279 гласа на 5.091 глас. И конечно Левица, во Тетово во 2016 година немала ниту еден глас, а сега освоиле 462 гласа.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Пендаровски се надева на гласовите од сите етнички заедници, Силјановска Давкова на победа со разлика од три спрема еден

Пендаровски се надева на гласовите од сите етнички заедници, Силјановска Давкова на победа со разлика од три спрема еден

СЕ СРЕТНАА МИЦКОСКИ И ТАРАВАРИ - се цртаат ли контурите на идната влада, кои се условите

СЕ СРЕТНАА МИЦКОСКИ И ТАРАВАРИ - се цртаат ли контурите на идната влада, кои се условите

Апасиев: Левица не е лажна опозиција, ние имаме светла иднина

Апасиев: Левица не е лажна опозиција, ние имаме светла иднина

СЕ ОГЛАСИ ЗОРАН ЗАЕВ: Ова се 15-те важни датуми од современата промоција на македонскиот јазик

СЕ ОГЛАСИ ЗОРАН ЗАЕВ: Ова се 15-те важни датуми од современата промоција на македонскиот јазик

ЗАГИНА СКОПЈАНЕЦ, А ПОВРЕДЕНИ СЕ СОПРУГАТА И ДВЕТЕ МАЛОЛЕТНИ ДЕЦА - МВР со детали за тешката сообраќајка

ЗАГИНА СКОПЈАНЕЦ, А ПОВРЕДЕНИ СЕ СОПРУГАТА И ДВЕТЕ МАЛОЛЕТНИ ДЕЦА - МВР со детали за тешката сообраќајка

УШТЕ ДЕНЕСКА И УТРЕ ДА УЖИВАМЕ ВО УБАВОТО ПРОЛЕТНО ВРЕМЕ, А ОД СРЕДА... - еве какви се очекувањата

УШТЕ ДЕНЕСКА И УТРЕ ДА УЖИВАМЕ ВО УБАВОТО ПРОЛЕТНО ВРЕМЕ, А ОД СРЕДА... - еве какви се очекувањата

БЕШЕ ПРВАТА ЖРТВА ОД РАСПАДОТ НА ЈУГОСЛАВИЈА - триесет и три години од загинувањето на Сашко Гешовски од Кавадарци

БЕШЕ ПРВАТА ЖРТВА ОД РАСПАДОТ НА ЈУГОСЛАВИЈА - триесет и три години од загинувањето на Сашко Гешовски од Кавадарци

ПУТИН НАРЕДИ ВЕЖБИ ЗА УПОТРЕБА НА ТАКТИЧКО НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ - еве која му е целта

ПУТИН НАРЕДИ ВЕЖБИ ЗА УПОТРЕБА НА ТАКТИЧКО НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ - еве која му е целта

„ТИ БЛАГОДАРАМ ЗА БЕЗРЕЗЕРВНАТА ЉУБОВ И ПОДДРШКА“ - еве како Пендаровски и го честита роденденот на сопругата

„ТИ БЛАГОДАРАМ ЗА БЕЗРЕЗЕРВНАТА ЉУБОВ И ПОДДРШКА“ - еве како Пендаровски и го честита роденденот на сопругата