ЗА ОПАСНИОТ СОЈ ОМИКРОН КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ЌЕ РАЗГОВАРА В ПОНЕДЕЛНИК: Постои сомнеж дека новиот вид е многу попренослив
Објавено во: Македонија 27 Ноември, 2021
Министерот за
здравство, Венко Филипче, денеска најави дека за новата варијанта која СЗО ја
нарече Омикрон, а за која научниците, откако прв пат беше детектирана на 24. ноември,
ја опишаа како супермутант со бројни мутации на спајк протеинот, Комисијата за
заразни болести ќе разговара в понеделник на утринскиот состанок.
-Имавме и многу други мутации кои не се проширија досега. Имаше и оние други сценарија – делта сојот кој навистина секаде се прошири. Ќе ги разгледуваме сите овие работи во понеделник на состанок на Комисијата за заразни болести, истакна министерот Филипче.
Инаку, варијантата Омикрон е веќе детектирана и во Европа. Постојат цврсти сомневања дека е детектиран случај во Германија, има и два потврдени случаи во Белгија. Од двата авиона кои вчера слетаа на аеродромот во Амстердам од Кејптаун и Јоханесбург, вирусот е потврден кај 61 патник, но се прават секвенционирања за да се утврди дали некој е заразен со новиот сој. По ова, европските земји веќе го забранија влезот за сите патници кои доаѓаат од Јужна Африка, а од балканските земји мерките ги засилија Словенија и Хрватска.