ВМРО-ДПМНЕ: Има негаторски изјави кон Македонија, а СДСМ молчи
Објавено во: Македонија 04 Април, 2017
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека има негаторски изјави кон Македонија, а СДСМ молчи.
Според нив, само народот на Република Македонија може да одлучува во каква земја сака да живее, дали сака суверена и унитарна Македонија која се гордее со мултиетничноста или федерализирана, бинационална држава.
Од партијата додаваат дека „ваквата одлука народот ја носи на избори, а не со подметнати постизборни платформи изготвени и потпишани во туѓи држави.“
„Јавноста секојдневно е сведок на негаторски изјави насочени кон Македонија и нејзиниот идентитет, кои доаѓаат од творецот на Тиранската платформа, неговите министри, коалициони партнери, но и од факторот од кој ќе зависи идната влада на Заев, Зијадин Села. На сите овие изјави СДСМ молчи и премолчено ги одобрува ваквите политики и ставови насочени против Македонија. На Македонија и е неопходно обединување околу највисоките национални и државни интереси“- стои во соопштението.
Оттаму велат дека обединување околу највисоките национални и државни интереси, нуди „Манифестот за единствена Македонија“, кој го предложи партијата, а за кој, како што се додава во соопштението, СДСМ молчи.
„Дали на СДСМ му пречат принципите за владеење на правото? Бидејќи наместо владење на правото и правната држава сакаат заробена држава под плаштот на СДСМ и нивните роднинско-кумовски врски во правосудниот систем по примерите: Медарски, Бубевски и СЈО. Дали можеби СДСМ е против спроведување на попис на население? Со прифаќањето на Манифестот, Македонија ќе покаже дека е земја со исправена кичма и високо изградена национална свест и чувство на грижа за сите нејзини граѓани“ - велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинуваат дека СДСМ е против сплотеност и взаемен просперитет на Македонија и сите нејзини граѓани.