Добивај вести на Viber
Кандидатката за претседател на Левица, Билјана Ванковска даде своја прогноза за тоа кој ќе победи на изборите, но се осврна и на други важн изборни теми во земјава во пресрет на изборите.
„Колку би била едноставна и функционална демократијата сфатена како изборна демократија кога нештата би се менувале по пат на гласање ! Но, демократијата е обична химера, фатаморгана, бидејќи на луѓето им дава привид дека од нив зависи и дека тие ќе донесат НОВИ и ПОДОБРИ луѓе на власт. И како на гладијаторска арена ги с’скаат едни против други небаре по битката ќе живеат подобро.
Еве, си дозволувам да прогнозирам дека ќе ја добиеме првата жена претседателка на онаа протоколарна позиција. Но, што од тоа? Кога вистинската битка се води за местото каде што лежи ВИСТИНСКАТА моќ - владата, сите државни агенции, инспекторати, органи на репресија. За СДС (без М) е право чудо што воопшто освои мандат во 2020, а и што постоја со Таче толку долго. Со години вистински владетел беше ДУИ, и никој не се спротивстави од страв дека ќе биде обвинет за албанофобија. Оттука УЧК-љубието стана соживот, иако заснован на пролеана крв, страв и корупција. Но, да не се лажеме, ДУИ беше дело и на ДПМНЕ. Додека не им заби нож в грб.
И што сега? Се чини моментот е зрел Македонија да стане горда и твоја. ДПМНЕ се враќа на власт со фанфари. Зборува за обединување додека со своите медиумски хиени не ја гази секоја помисла за друга алтернатива или опозиција. Зошто помогнаа да се донесе оној скандалозен собраниски деловник? Да си го осигураат владеењето без опозиција.
ДУИ ќе биде најверојатно заменет со ВЛЕН, но слушајќи ја нивната реторика сфаќате дека се сијамски близнак на ДУИ, можеби и полош и помоќен од стариот Ахмети. Овие имаат нова агенда, редефиниција на Македонија од консоцијација во (кон)федерација. Затоа ваквата Македонија нема да може да биде ни ТВОЈА ни НАША.
А ЗНАМ само знаеше како да се ребрендира - од еден гнил и национално компромитиран СДСМ (за кој Максо урлаше дека Преспа е решението кое ќе донесе проекти/пари) во божем “најбрзорастечко движење” (спасувај се кој може од пасокизација и покажувај провинциски ум). Да, веќе е договорено место на трпезата за оние про ќе бидат кротки и одржуваат системот како и изминатите 33 години.
Памет во глава! Претседателските избори беа/се навистина само предигра на играта на троновите!“, напиша таа на фејсбук.