ВМРО-ДПМНЕ и денеска ќе протестира пред РКЕ, Заев бара мир од 100 дена
Објавено во: Македонија 11 Септември, 2020
ВМРО-ДПМНЕ денеска со блокирање на крстосницата повторно ќе протестира пред Регулаторна комисија за енергетика, откако струјата неодамна поскапе за 7.5 отсто.
Партијата за во 14 часот најави протест против поскапувањето на струјата пред седиштето на РКЕ, исто како и минатиот пат, И во средата се протестираше и се бараше враќање на старата цена на струјата.
Генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, вчера изјави дека еден час ќе ги блокираат крстосницата и пристапните улици пред Регулаторната комисија, чие седиште се наоѓа во центарот на Скопје.
„ВМРО-ДПМНЕ не можат да се помират со тоа што граѓаните веќе не им веруваат на нивните лаги и лицемерие и затоа упорно продолжуваат со деструктивното и неодговорно дејствување“, реагираат од СДСМ на изјавата на Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера претседателот на СДСМ, Зоран Заев, како гостин во студиото на МРТ рече дека во едно демократско општество непишано правило е опозицијата да не протестира против власта во првите 100 дена од завршувањето на изборите.
Луѓето кои излегоа на протести бараа оставка на партиските инсталации во комисијата и oд претседателот Марко Беслимоски.