(ВИДЕО) Димитров за БГНЕС: Новата Македонија која се роди од една агонија нема комплекси
Објавено во: Македонија, Балкан 22 Јуни, 2017
Новата Македонија која се роди од една голема агонија нема комплекси и не и требаат многу споменици за да се гордее со себе, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров во интервју за бугарската агенција БГНЕС.
Тој смета дека оваа нова Македонија нема предрасуди. Нагласува дека Македонија и Бугарија се многу блиски земји историски.
„Изгубивме многу време, можеби беше неопходно некои лекции да се научат на овој начин, но мислам дека веќе пораснавме“- вели тој.
Димитров додава дека навистина е време да развиеме еден нов дух на Балканот, пред се со Бугарија.
„Македонија очекува поддршка од Бугарија за време на нејзиното претседавање со ЕУ, не само затоа што сме два многу блиски народи, туку затоа што ја заслужуваме таа поддршка и затоа што нема да има отворени прашања меѓу нас“- додаде Димитров.
За соработката на земјите во регионот, ставот на Димитров е дека „колку повеќе заедно чекориме кон Европа, толку повеќе се намалува просторот за старите сили кои што имаат други цели. За него е срамота што повеќе од четири години не дошол висок бугарски функционер во Македонија и порача „завршениот национализам да го замениме со долгорочен визионерски патриотизам“.
Тој се надева дека ќе ја убеди Грција да ја крене рампата за НАТО.