Вчера 23.500 возила влегле во Македонија
Објавено во: Македонија 25 Декември, 2021
Десетици илјади возила влегле во земјава преку граничните премини во последните два дена. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во рок од еден ден на влез и излез се регистрирани вкупно 35.607 возила. Од нив 23.494 автомобили се на влез, додека 12.113 возила ја напуштиле државата.
Бројот на влезови и излези и денеска беше голем. На граничните премини до пладневните часови имаше промет од 16.887 возила. Повеќе сообраќај во последните денови има на граничниот премин Табановце, од каде многу емиграција се упати кон своите домови за престојните празници.
Изминативе два дена нашинците се жалеа на долго чекање на Табановце. Од Службите на Граничната полиција тврдат дека чекањето се должи на протоколите, каде на граѓаните дополнително им се проверуваат документите за целосна вакцинација со две дози или ПЦР тест. .
Од МВР велат дека на граничните премини се отворени дополнителни шалтери за да се намали застојот.