Турција се спрема за копнена офанзива во Сирија
Објавено во: Свет 16 Февруари, 2016
Сметајќи дека без копнена акција нема да се стави крај на војната во Сирија, Турција ги повика сојузниците, вклучувајќи ги и САД, заедно да покренат офанзива против Исламската држава.
Ова го изјавил турски претставник за Ројтерс, но напоменал дека Туриција не е спремна сама да почне копнена операција.
Тој ја исклучил можноста Турција да преземе некакви унилатерални копнени акции, како и можноста за заеднички турско-саудиски потфати без широк консензус на меѓународната коалиција што се бори против Исламска држава.
Коалициските сили, составени од Турција, САД, Велика Британија, Франција, Саудиска Арабија и од Обединетите Арапски Емирати, засега со воздушни напади ја помагаат борбата против Исламска држава.
Копнената офанзива во Сирија, германските коментатори ја опишуваат како крајно опасна авантура, која дополнително ги изострува тензиите меѓу Анкара и Москва.
На сириските боишта во моментов има неколку фронта, но најопасниот е овој меѓу Русија и Турција.
Сириската армија со голема поддршка на руските воздухопловни сили на почетокот на овој месец започна огромна офанзива во клучната провинција Алепо, по што турските власти ја обвинија Русија дека се однесува како терористичка организација.