Туристи внимавајте: Во Црна Гора се повеќе фалсификати на евра
Објавено во: Балкан 21 Јуни, 2014
Во Црна Гора од почетокот на оваа година па се до денеска се регистрирани 145 фалсификувани парични евра, што е три пати повеќе од истиот период минатата година, соопштено е од црногорската Централна банка со апел до граѓаните да бидат внимателни и да ги проверуваат заштитните карактеристики на парите.
Директорот на Министерството за финансии на Централната банка на Црна Гора, Тодор Цицмил, рече дека оваа година во банката се обработени 76 парчиња фалсификувани банкноти од 5 евра, 3 од 10 евра, 14 парчиња од 20 евра, 15 парчиња од 50 евра, 17 парчиња од 100 евра, 19 парчиња од 200 евра и една од 500 евра, пишуваат црногорски медиуми.
Тој додава дека туристичката сезона допрва почнува, и дека во овој период, кога приливот на пари е на највисоко ниво, се јавува и најголем број на фалсификати откриени во платниот систем.
За разлика од земјите на ЕУ, каде што најчесто фалсификувани се банкноти од 20 до 50 евра во Црна Гора, ситуацијата е поинаква.
„Големината и деноминација на фалсификувани евра во Црна Гора варира. Од периодот кога фалсификувана беше најчесто банкнота од 200 евра, 2 евра, 100 евра, во последниве години најголем пораст на фалсификувани банкноти бележат банкноти од 5 евра (лоша изработка) “, изјави Цицмил.