22 Јуни, 2024
0.0287

Во Русија се разговара за нова државна идеологија

Објавено во: Колумни 10 Јуни, 2024

Добивај вести на Viber

Изминативе денови Русија беше во центарот на вниманието на многу настани. Во Франција се одбележуваше 80 годишнината од истоварувањето во Нормандија, по што се отвори Западниот фронт во Втората светска војна. Во Санкт Петербург во истото  време се одржуваше Меѓународниот економски форум, на кој рускиот претседател, Владимир Путин имаше подолго од три часа отворено интервју со 16 претставници од светски агенции, од Западот, од Истокот, од Средна Азија. Два дена подоцна, тој, на пленарната седница на Форумот имаше интересен, би рекол, дијалог со модераторот Сергеј Караганов.

На 4 јуни во списанието „Тајм“ излезе интервју со американскиот претседател Џо Бајден,во кое тој , меѓу другото зборуваше за крајот на војната во Украина. Рече дека Русија никогаш нема да ја окупира Украина. Додаде дека ако Украина падне, тогаш на ред е Полска и други земји, меѓу кои и Балканот. Во поглед на можна војна НАТО – Русија, Бајден вели дека тоа нема да се случи. На денот на одбележувањето на истоварувањето на Американците во Нормандија за војната во Украина проговорија и Бајден и францускиот претседател, Емануел Макрон. Претседателот Макрон не спомнувајќи ја Русија, рече дека Украина ќе биде поддржувана интензивно се’ додека е неопходно. Тој ги пофали САД дека со најновите решенија( удари врз руска територија) преминале на француска страна и одиграле решавачка улога во конфликтот. А тој влијае врз безбедноста и стабилноста на Стара Европа. Бајден, пак, одново нагласи дека Путин нема намера да сопре во Украина. Дека цела Европа е под закана, но САД нема да дозволат да се случи такво нешто. И дека со Франција работат заедно на зајакнување на безбедноста и заедничкиот просперитет.

Владимир Путин во одговорите на прашањата на странските дописници ги повторуваше досега искажаните зборови за причините за војната во Украина, за пучот во 2014 година, за Крим, Донбас, за Минските договори,за отфрлањето од Западот и НАТО на нивното писмо за разговори за безбедноста на Русија, за западното влијание врз откажувањето на Украина од постигнатата согласност за договор за прекин на војната...Не пропушти да го обвини Западот за ескалација на војната. Одговори на обвинувањата дека Русија ќе го нападне НАТО. Оние кои зборуваат за закана од руски напад врз НАТО „полудеа“, рече Путин. Ги нарече „глупи, како масава“, истовремено ударајќи врз неа. Тој исто така истакна дека Москва нема империјални амбиции или желба да го обнови СССР, земјата гледа кон иднината.

 „АВТОРИТАРЕН СОЦИЈАЛЕН КАПИТАЛИЗАМ“.

Средбата со новинарите беше искористена рускиот претседател да им одговори на прашања кои нив ги интересираат, но тој не ј пропушти можноста да каже се’ и сешто. Па така не и остана должен на Германија, на Британија, секако на САД, на Украина, со очекување дека неговите зборови ќе бидат пренесени на Западот. Но за мене многу поважно беше Пленарното заседание на форумот. На него се искажаа многу нови работи. На заседанието учествуваа и претседателите на Боливија и на Зимбабве, Луис Арсе и Емерсон Мнангагва. Модератор на дискусијата беше политологот, научниот раководител на факултетот за светска економија и светска политика на Вишата школа за економија, Сергеј Караганов. Тој, инаку е познат  како поранешен директор на Институтот за САД и Канада при Руската академија на науки, еден од највлијателните во развојот на идеите за меѓународните односи на Русија. Го сметаат за творец на „Источниот пат“ на Русија. Инаку, тој е под санкции на Западот поради поддршката на официјалната политика на Русија, но и повиците за користење нуклеарно оружје за побрзо завршување на војната во Украина.

Вниманието во дебатата го привлекоа тезите на модераторот, кои беа и полемични, па Путин остануваше и без подлабоко објаснување, а се однесуваа на економскиот систем или модел на Русија и на потребата од создавање на државна идеологија. Караганов, тврди дека во Русија нема утврден модел на развој, дека се работи стихијно. Па се изјасни дека за Русија би бил идеален „авторитарен социјален капитализам“. За Путин, пак, неопходно е да се води сметка за она што се случува во светот и реалноста внатре во земјата. „Треба да гледаме што се случува во светот. Да речеме кинескиот модел многу експерти го признаваат за поефикасен од постојните досега, на пример американскиот и европскиот“, рече Путин, додавајќи дека „секогаш треба да се поаѓа од реалноста, од реалноста во нашата земја“. Според него, кога „се наметнуваат општи стандарди на различни земји“, развојните модели не функционираат или функционираат лошо. „И овде сè е многу важно - историјата, нашата култура и внатрешната состојба на општеството. Вистинскиот развој е многу важен - што функционира ефикасно во нашето општество, што не?. Секако, има основни работи, ги земаме предвид“, истакна претседателот. Искажувајќи ги позитивните резултати од растот на економијата Путин додаде:„Креираме рамка и постојано донесуваме некои одлуки поврзани со прилагодување на нашиот економски модел“.

Дебата меѓу модераторот и претседателот не сопре на економските теми. Се потегна прашањето за идеологија. Дали на Русија сега и е потребна идеологија или не? Никој , па ни Путин не ја сака комунистичката идеологија. Тој го критикува комунизмот. На дали може голема држава да функционира без национална идеологија, без голема идеја? Според Караганов, не може. Држави без национална идеја, без национална идеологија неминовно се распаѓаат. Светот е полно со расфрлани гробови и сенки на такви држави, вели тој. Караганов истакна дека Русија паднала два пати, “прво, кога ја изгубивме вербата во царот и татковината и вториот пат кога ја изгубивме вербата во комунизмот. А ние сега се спротивставуваме на воведувањето на ригидна државна идеологија. Јасно е дека таквата идеологија е многу лесно да се формулира, вие(Путин) самите веќе делумно ја формулиравте во вашите говори. Јасно е дека таквата идеологија, можеби, не треба да биде задолжителна, но можеби треба да биде задолжителна, барем за оние луѓе кои сакаат да бидат лидери на државата, кои сакаат да бидат елита на земјата. Ова е кодекс на честа“.

ОБЕДИНУВАЧКА ИДЕЈА

Научниците во Русија работат на создавање на таков кодекс. Тој би бил блиску до идеалот на конфучијанскиот благороден или достоен маж. Одредена идеална личност, која го отелотворува човечкото совршенство и е столб на редот и поредокот во државата. Оттука и заложбата на Караганов за создавање на единствена државна идеологија со апсолутни јасни правила задолжителни за сите оние кои сакаат и се подготвени да и служат на државата и општеството? Оттука и повикот „Но, зошто сè уште се плашиме?“. „Ние од ништо не се плашиме“, лаконски одговори Путин. „Не, се плашиме“, возврати Караганов. И почна дебатата. Според Путин, постоењето на доминантна идеологија не го спаси Советскиот Сојуз од распад. Потребна е обединувачка идеја за земја која е повеќенационална. Изгубената верба во царот и во комунизмот  е факт, но не и вербата во татковината. Вербата во комунизмот беше изгубена, но не од сите, па и сега во Русија има  Комунистичка партија со многу приврзаници. И тоа треба да се почитува. Обединувачка идеја би можел да биде и патриотизмот. Особено сека кога има луѓе кои доброволно одат на фронт не штедејќи го животот и здравјето. Путин побара од Караганов и луѓето кои што работата на оваа идеја за некаква идеологија да помогнат во нејзина подготовка. Притоа нагласувајќи дека сепак и при комунистичката идеологија, Родината била над се’ и секогаш на прво место, а дури потоа се гинело за Сталин во Втората светска војна. „За Росината, за Сталин“.

За многунационални држави, веројатно, потребна е обединувачка идеја. Во Русија има над 150 националности, неколку религии, и за сите нив треба да се најде нешто што ќе ги обединува. Tатковина, која обединувала во време на императорите, или Родина во време на комунизмот. А сега можеби љубовта кон татковината – патриотизмот. И сето тоа треба да се прави во време кога земјата е во војна со неизвесен крај и е на пат кон истокот. Русија го завршува европското патешествието на Петар Велики. Но на патот кон Истокот се оди со силни европски гени, вели Караганов. Европа е дел од рускиот идентитет. Како тоа да се сочува, а да не се изгуби по патот? Можеби Петербург да се прогласи за центар на вистинската европска култура. Центар на светската култура. „Од тоа ќе имаат полза жителите на Петербург, но и многу други во светското мнозинство, па и Европа, која ја напуштаме“, вели Караганов.

За Путин одњето на Исток не е од денес, туку уште од многу порано и го прават многу земји. Истокот станува новиот центар на економски развој. Досегашните економски центри го губат влијанието. И таа тенденција ќе се сочува. Русија сепак не ги губи европските културни гени, поради тоа што оди на Исток кон Азија. Според рускиот претседател Западна Европа е таа која ја губи европската култура. „Ќе останат само архитектонски споменици. Но, културата е, пред сè, свеста на луѓето. Ја трујат денешните глобални либерали, кои во прв план не ги ставаат интересите на сопствените народи и нивниот културен код, туку сопствените идеи, исклучени од реалноста, поврзани со глобалниот либерализам. Според мене, ова е клучната работа“ рече Путин. „Ние по дефиниција, до одреден степен, стануваме центри на традиционалната европска култура и традиционалните европски вредности, кои, ако се погледне малку во длабочините на вековите, се засновани дури и за неверниците, а генерално тие се засноваат, пред се’, на христијанските културата.

КУЛТУРА И ТРАДИЦИИ

Интересен е приодот на Путин кон развојот на Русија. „Таа првично се појави како мултирелигиска држава. Да се ​​потсетиме на упатствата на императорката Катерина и нашите други, што би рекле денес, водачи - кралеви, цареви. Кога добивале нови територии, секогаш велеле: почитувајте го локалното население, нивните традиции и нивните верувања. Така се разви Русија“, вели тој. Оттука и потребата за развој на земјата врз историските традиции,  врз кои таа се создавала како многунационална и многуконфесионална држава. И тоа хармонично. И на тој начин Русија ќе биде дел од повеќе поларниот хармоничен свет. „Природно, ние во одреден степен ќе се потпираме и врз европските начела, врз европската култура, бидејќи рускиот народ е нејзин носител. Но со не помала почит ќе се однесуваме и кон културата и традициите на другите народи во Руската Федерација“, заклучи Путин.

Од каде сега дискусијата за Русија, во  време на војна да се зборува за деликатни прашања, кои некои земји не ги чепкаат ни во време на мир. За многумина во Русија не е објасниво како може во делови од земјата населени со муслимани да не важат законите кои би требало да се почитуваат од секого. На пример во Чеченија. Па односите кон поединци-жени или девојки. Наметнување врз нив обновените традиции. Што предизвикува културни конфликти во општеството. А понекогаш дури и физички. И сите очи се вперени кон Кремљ. А Кремљ молчи. И молчаливо одобрува.

На Путин му е јасно која е најголемата болка на Русија. Болка која може да доведе до  сериозни последици. Национализмот. И сепаратистичките тенденции, кои постојано ќе бидат потхранувани од надвор. Било од Турција, било од Западот, па во некои идни времиња, можеби и од Кина. Многумина сметаат дека Путин сака да го обнови Советскиот Сојуз. Но јас сум убеден дека многу повеќе е загрижен за стабилноста на сегашна Русија. И сигурно во иднина, ако во меѓувреме не се случи нешто, ќе се однесува како руските императори. Како Катерина Велика, која ја спомна погоре. Практично тие земји, кои не се христијански, да бидат еден вид вазали, како во царско време. Да плаќаат даноци, ако можат, и да собираат војска. А внатре да се управува според свои правила. И тоа да се толкува како почитување на етно-конфесионалните разлики.

Можеби и заради тоа му се брза на рускиот претседател да се направи нова национална идеја или идеологија, која ќе биде почитувана од сите, а пред се’ од раководителите. Било претседател, било губернатори или државни чиновници. Да го почитуваат уставниот поредок во државата. И не е случајно што Сергеј Караганов беше модератор на заседанието. Некои извори соопштија дека тоа го побарал лично Путин. И нема да чуди целиот дијалог со претседателот, а се зборуваше многу за разни теми и за Украина и за Запад и за употребата на нуклеарно оружје, за економски проблеми,  да беше и добро одиграна, однапред подготвена претстава. Со Путин нема случајни дебати и оваа сигурно значи вовед во нешто што ќе следи.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Самитот за мир во Украина ја зацврстува поделбата во светот

Самитот за мир во Украина ја зацврстува поделбата во светот