18 Јули, 2024
0.0268

Самитот за мир во Украина ја зацврстува поделбата во светот

Објавено во: Колумни 17 Јуни, 2024

Добивај вести на Viber

Во дипломатијата и воопшто во меѓународните односи, кога треба да се води дијалог или поширока дебата за некои работи, земјите-учесници во нив помно се подготвуваат. Оние со одговорен приод кон работите се подготвуваат мошне сериозно. Особено кога има проблематични прашања. Двете страни се подготвуваат да понудат свои програми на државен интерес. Обично тоа се „програма максимум“ и „програма минимум“. За ова веќе сме пишувале на овие страници. Деновиве, пак, прочитав некоја дипломатска шега, а во секоја шега има половина вистина. Па се вели:„ Тоа што е наше , тоа е наше, а за вашето ние ќе разговараме“. Ова ми буди асоцијација за македонските преговарачи.

Нејсе. Украинскиот претседател , Владимир Зеленски пред повеќе од една година подготви мировен план за војната во Украина од десет точки. Програма максимум во тој план беше повлекување на Русија на границите од 1991 година, судски трибунал за воени злосторства, репарации и друго. Целта беше да се свика мировна конференција на која ќе се усвојат тие десет точки и тие да и се испорачаат на Русија. Но со текот на времето се виде дека ситуацијата не е таква за да се дозволи широко прифаќање на овие точки. Па од програмата максимум за почеток се помина на програмата минимум, на мировна конференција да се оди со три точки во кои ги нема погоре споменатите, но сепак други точки од првобитната формула. Па со помош на Западот и Швајцарија викендов се одржа собир во Швајцарија на кој се дискутираше за тие три точки.

Ден пред конференцијата од Москва се јави рускиот претседател, Владимир Путин, кој испорача своја програма максимум. Факт е дека тоа беше направено токму во предвечерието на швајцарската конференција, како пропаганден потег, кој донекаде ќе го оттргне вниманието на учесниците на конференцијата од украинскиот предлог. Па наместо целото внимание да биде посветено на проблемите за кои Украина бара решение, да се зборува за предлозите на Путин. Во тоа се успеа. Па многумина од учесниците на конференцијата пред нејзиниот почеток, и во дебатата неизбежно зборуваа за руските намери. 

Украинскиот претседател предлозите или условите за почеток на преговори предложени од Путин ги нарече „ ултиматум на кој не треба да му се верува“. Според Зеленски, Путин нема да ја прекине со напади, дури и да бидат исполнети неговите барања. „Тој нема да сопре. Тоа е она што го правеше Хитлер, Еве зошто не треба да им веруваме на таквите изјави“, рече Зеленски  во интервју за една италијанска телевизија. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пак, изјави дека предлозите на Путин не се „мировни“, а „земјите на Алијансата ќе продолжат да и даваат воена поддршка на Украина“. Потпретседателската на САД, Камала Харис, за предлозите на Путин рече дека „треба да се зборува вистината. Тој не повикува кон преговори, туку кон капитулација. Америка ја поддржува Украина не од добротворни намери, туку поради што тоа е во наши стратешки интереси“.

НЕПРИФАТЛИВИ ПРЕДЛОЗИ

Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан. Изразувајќи жалење што на конференцијата не е повикана Русија, изјави:„ На маса ја имаме украинската формула, и Русија неодамна соопшти некои услови...Тоа се важни чекори и израз на надежи за да може да ја избегнеме војната“. Финскиот претседател, Александар Стуб, пак,  забележа дека со конференцијата „Украина го почнува патот кон мир од позиција на сила, многу посилна, отколку пред три недели, а да не зборуваме пред три месеци“. Зборувајќи за Русија се врати наназад кон почетокот на Втората светска војна, кога таа ја нападнала Финска. Изјави во кои беа осудувани руските предлози имаше и од други политичари. Сите се сведуваа во тоа дека тие не се прифатливи. Олаф Шолц, германскиот премиер, беше за продолжување за војната, а предлогот на Путин за него е несериозен.  За италијанската премиерка Андреа Мелони планот на Путин „личи на пропаганда“. Првиот човек на европската дипломатија, Жозеп Борел, вели дека „агресорот не може да диктира услови за мир“.

Како и да е Путин со својот предлог ги разбранува духовите во Швајцарија. А каков беше прелогот на Путин? На средба со раководството на руското министерство за надворешни работи на 14 јуни, тој ги кажа руските услови за почеток на мировниот процес со Украина. Па Русија бара целосно повлекување на украинските војски од териториите на Луганската и Доњецката република, од Херсонската и Запорошката област. И тоа од целата територија во рамките на административните граници. Путин бара неутрален, неблоковски и ненуклеарен статус за Украина. Значи нема НАТО. Бара денацификација и демилитаризација на Украина. Постигнување меѓународни договори со кои ќе се официјализира рускиот статус на Крим, Севастопољљ, и погоре споменатите републики и области. И на крај, укинување на сите санкции кон Русија. И по ова почнување на преговори со Украина. Путин, притоа предупреди. „Ако во Киев и западните главни градови се откажат од овој план, како што се откажувале и порано, на крајот од краиштата тоа е нивна работа, нивна политичка и морална одговорност за продолжување на крвопролевањето“. Тој додаде дека доколку ситуацијата на теренот продолжи да се менува, не во полза на Украина, во иднина условите за преговори ќе бидат други.

За секој што ги следи работите во Украина јасно е дека со ова Путин дава одговор на она што се подготвуваше во Швајцарија. Кога ќе се судрат две „програми максимум“, јасно е дека нема ништо од нив. И доколку се сака некаков резултат тогаш ќе мора да се почне со отстапување. И Путин и Зеленски се свесни дека нема преговори според нивните „мировни формули“. И ќе почнат дипломатски напори за освојување на светот. Да се бараат приврзаници за сопствената формула. Путин не цели само на мир со Украина. Тој предлагајќи ја неговата „формула за мир“, оди подалеку. Преку уредување на  идната Украина, кон уредување на безбедноста во Европа, а во тие рамки и на Русија, што го бара уште од 2007 година. Во спротивно ќе има војна. А за такво нешто веќе има доволно противници. 

КОНФЕРЕНЦИЈА СО РУСИЈА

Впрочем, дека мир во Украина ќе нема наскоро може да се заклучи и од зборовите на претседателската на ЕК Урсула фон дер Лајен. На брифинг после конференцијата во Биргеншток таа рече дека Русија може да се вклучи во мировниот процес, кога Москва ќе каже дека е подготвена за мир. „Кога Русија ќе каже дека е подготвена за мир, врз основа на Повелбата на ОН, тогаш ќе настапи време да се приклучи и таа кон мировните напори. Се надевам дека тоа ќе се случи брзо“, рече Лајен. Но по ова таа вели дека мир во Украина нема да се постигне со еден чекор, туку тоа ќе биде патешествие, бидејќи лидерот на Русија, Владимир Путун не е сериозно настроен за завршување на војната“. Значи нема ништо од погоре кажаното „брзо“. Сите се свесни за тоа. Војната ќе трае уште долго. Со години, две три, пет... А Зеленски пак вели дека веќе се подготвува нова мировна конференција, како продолжение на швајцарската, на која би се разгледувале другите точки од неговата формула за мир. И дека нема да се чека години, туку таа би се подготвила за неколку месеци. А на неа би можела да биде поканета и Русија.

На конференцијата во Швјцарија учесниците издадоа коминике во кое се содржат трите цели или точите на дневен ред за кои се дебатираше на конференцијата. Во поглед на атомската централа во Запорожје се вели дека „употребата на нуклеарната енергија и на нуклеарните инсталации мора да биде сигурна, безбедна и еколошки прифатлива“. Се споменува дека се неприфатливи заканите со користење на нуклеарно оружје. Втора точка беше храна и глобалната  безбедноста при нејзиниот транспорт. Притоа се споменати Црното и Азовското море, како пространства на кои не е прифатливо напаѓање на трговски бродови. И последната точка беше итно ослободување на сите заробени војници  независно од тоа колку во која земја се наоѓаат и враќање на депортирани и незаконски иселени деца од Украина и други украински граѓани кои се незаконски затворени,

Коминикето произлезе од Декларацијата која ја потпишаа голем дел од учесниците на конференцијата. Завршната декларација од самитот во Биргеншток, ја поддржаа 80 земји. Во неа се поддржа територијалниот интегритет на Украина и повика на дијалог за постигнување мир. „Ја потврдуваме нашата посветеност да се воздржиме од закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичка независност на која било држава, на принципите на суверенитет, независност и територијален интегритет на сите држави, вклучително и Украина, во рамките на нивните меѓународно признати граници, вклучувајќи ги територијалните води, и да се решаваат споровите со мирни средства врз принципите  на меѓународното право“, се наведува во Декларацијата по дводневниот самит. Повелбата на ОН, вклучувајќи го и почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет, „може и ќе послужи како основа за постигнување сеопфатен, праведен и траен мир во Украина“, се нагласува во декларацијата. „Сметаме дека за постигнување мир е потребно вклучување и дијалог меѓу сите страни“, се додава на крајот на документот, без да се спомене Русија. 13 учесници не ја потпишаа декларацијата. Декларацијата беше поддржана од 80 од 93 земји кои учествуваа на самитот. Меѓу земјите кои не ја поддржуваат декларацијата се шест членки на групата Г20 – Бразил, Мексико, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Индија и Индонезија. Ерменија, Бахреин, Тајланд, Либија, Обединетите Арапски Емирати, Колумбија и Ватикан исто не ја поддржаа споменатата декларација.

СУДИР НА ПРОГРАМИТЕ

Кога сме кај бројките, на конференцијата во Биргеншток учествуваа помалку од половина држави во светот. Од 194 присуствуваа 93. Во Киев изјавуваа дека покани се пратени до 160 држави. Според политологот Михаил Виноградов, од 49 европски земји, на конференцијата не учествуваат само три. Освен Русија и Белорусија и Азербејџан. Азиските земји беа претставени со помалку од една третина 16 од 43. Со министри беа претставени, а не со први луѓе на државите регионалните лидери Индија и Саудиска Арабија. Кина воопшто не дојде. Африка беше претставена уште полошо. Само една четвртина од државите. Вкупно 13 од 54, а ЈАР го прати амбасадорот. Од Америка од 34 држави дојдоа 14, вклучувајќи го Бразил на ниво на амбасадор и од Океанаија четири од 10 држави.

 Сето ова покажува дека и Русија и Украина ќе треба да водат битка за придобивање на нови држави. Но исто така и дека се заострува поделбата во светот околу Украина. Таа допрва ќе се заострува доколку Кина и Бразил го официјализираат својот план за правење на мировна конференција. Колку што сега е извесно, она што го кажа Путин не се совпаѓа со кинескиот план. Ниту пак она што го има декларирано Зеленски. А тоа значи дека може да дојде до судир меѓу „програмите максимум“ на Русија и на Украина. Кинескиот министер за надворешни работи, Ван Ји, неодамна изјави дека Кина го поддржува навременото свикување на вистинска мировна конференција, призната и од Русија и од Украина, со еднакво учество на сите страни и фер дискусија за сите мирољубиви опции.

Самитот во Биргеншток, покрај потврдата на поделбата околу Украина не доведе до обединување на водечките земји во светот. Она кон што целеше Украина. Не дојде таму ни американскиот претседател Џо Бајден. Имал поважна работа во Америка. Собир за изборите.Украина и натаму има неподелена поддршка од САД, и членките на НАТО и ЕУ и нивни сојузници. „Глобалниот Југ“ го има многу малку меѓу потписниците на Декларацијата. А тоа доволно зборува за руско влијание врз тие држави, но и тивка поддршка на Русија од земјите од БРИКС и членките на Г-20. Во завршната декларација се вели дека неопходно е да се привлечат сите страни кон преговори. Некои земји на конференција постојано зборуваа дека и Русија гребало и треба да биде поканета на такви средби. Но што би разговарале тие. Русија не го признава легитимитетот на Зеленски, а овој потпиша декрет дека нема да преговара со Путин се до завршување на војната. Згора на тоа, веќе рековме, дека позициите на двете земји воопшто не се совпаѓаат. „Формулите за мир“ на Зеленски и на Путин, всушност повеќе се „формули за војна“. Ниту една од двете држави не се повлекува од своите барања. Путин минатата недела ги заостри, а се закани дека доколку тие не бидат прифатени, идните барања би биле сосема поинакви.

Во вакви услови, какви било идни преговори се неможни. Ќе дојде до судир на „формулите“. До ескалација на војната. А тогаш „формулите“ ќе произлезат од состојбите на военото поле. Но и состојбите внатре во Европа, во САД. Путин во својот настап во министерството за надворешни работи како да беше уверен дека тој е „богот на војната“ и дека тој одлучува за нејзиниот епилог. Но зад Зеленски стои друг „бог на војната“. Американците, НАТО и сојузниците се подготвени за ескалација на војната во кој било момент. Последниве недели тоа го покажуваат. Ако Кина и Бразил со поддршка на „Глобалниот Југ“ не преземат нешто војната ќе ескалира. И реалност ќе биде бројот на загинатите и ранетите од обете страни.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

АЗЕСКИ И МИЦКОСКИ СО ДИРЕКТНА ПОДДРШКА ЗА КОМПАНИИТЕ

АЗЕСКИ И МИЦКОСКИ СО ДИРЕКТНА ПОДДРШКА ЗА КОМПАНИИТЕ

Сенката на Доналд Трамп

Сенката на Доналд Трамп