Старите пријатели Катица Јанева и Бојан Јовановски денеска ќе се видат на суд
Објавено во: Македонија 03 Декември, 2019
Денеска во Кривичниот суд започнува рочиштето за случајот „Рекет“ на кое по подолго време ќе се видат обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева, како и Зоран Милевски.
Јавноста очекува дали ќе ја признаат вината и дали ќе има одговор на тоа каде завршиле еден и половина милион евра земени од бизнисменот Орце Камчев, особено што Јовановски како поранешен неформален управител на 1ТВ и Јанева како поранешна специјална обвинителка не дадоа исказ во текот на истрагата.
Боки 13 ќе биде спроведен од истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, додека Јанева и Милевски ќе бидат доведени од куќен притвор. Особено негативни реакии во јавноста предизвика одлуката на Апелација да и` го укине притворот на Јанева и да го замени со куќен на 19 ноември, при што дојде до отворен судир помеѓу судот и Вилма Рускоска, шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Она што досега е познато е дека Обвинителството за организиран криминал и корупција предводено од Вилма Рускоска поседува докази за дел од парите за кои тврдат дека не завршиле во џебовите на политичари.
Обвинителството и Рускоска тврдат дека мозокот на операцијата бил Јовановски, кој користејќи го пријателството со Јанева успеал за финансиски надомест да му ја олесни положбата на Камчев како осомничен бизнимен во случајот „Имеприја“, да му се укине притворот и замени со куќен, а потоа и да му се врати пасошот. Милевски пак ја имал улогата на посредник меѓу Јовановски и сопружниците Камчеви.
Првата рата од 500 илјади евра која Јовановски ја зел од сопругата на Орце Камчев, му овозможила укинување на притворот, а втората од милион евра му овозможува враќање на пасошот. Според доказите, Јанева зела 50 илјади евра од парите и добила мебел вреден 296 илјади денари од Јовановски.
Истрагата за случајот „Рекет“ се прошири и кон невладината организација „Меѓународен сојуз“ каде што се евидентирани уплати на бизнисмените Силјан Мицевски од 726 илјади евра и Ардија Амзоски од 260 илјади евра, за проект за изградба на дом за стари лица, кој никогаш не почна. Парите биле префрлени на сметка на пензионерка од Скопје. Во вториот дел од истрагата е осомничена и потпретседателката на Собранието од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, на која и` се изречени мерки на претпазливост.
Инаку Апелацискиот суд вчера требаше да ја разгледуваше жалбата за притворот на првообвинетиот Јовановски, но не донесе одлука по повлечениот предлог и за истата остави простор да биде објавена по состанувањето закажано за утре.
Бојан Јовановски во меѓувреме останува во притвор во КПУ Затвор-Скопје, каде што беше вратен по неколкудневна хоспитализација во Градската општа болница „8-ми Септември“.