Солунскиот митрополит Антимос: Македонија е грчка
Објавено во: Балкан 06 Јануари, 2018
Солунскиот митрополит, Антимос и министерката за грчките области Македонија и Тракија изјавија дека Македонија е грчка.
Коља-Царуха, која е од редовите на Независни Грци, како министерка, во Солун ја претставуваше Владата на осветувањето на водите и фрлањето на крстот по повод празникот Водици. Говорејќи во името на нејзината партија,вели дека Македонија е грчка и дека Македонија е Грција.
„Веруваме дека Македонија е грчка, дека никој нема право да го користи ова име за свои цели. Затоа ќе се бориме“- рече Коља-Царуха.
И митрополитот Антимос изјави дека Македонија значи Грција и Грција значи Македонија.
Умерена и пријателска порака испрати само градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис.
„Ниту јас, ниту митрополитот не ја изразуваме грчката надворешна политика, ниту пак ја одредуваме. Јас едно знам, дека со нашите соседи треба да имаме добри односи“- вели Бутарис.
За закажниот протест на 21 јануари во Солун против употреба на терминот Македонија во решението за името, Бутарис изјави дека тие не го изразуваат јавното мислење.
„Јасно дека сум против и имам кажано одредени лоши зборови за протестите. Бидејќи овие протести не го изразуваат јавното мислење. Не може секој да пишти и да вика на плоштадите и по улиците“ - смета Бутарис.
Тој додаде дека во Скопје не се организираат протести.