ШАХПАСКА: Газдите кои нема да почитуваат недела неработен ден ќе бидат затворени на 15 дена, а ќе треба да им ја исплатат цела плата на работниците
Објавено во: Македонија 22 Декември, 2021
Во однос на контролата за доследно почитување на Законот за недела неработен ден, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, ја потенцира улогата на Државниот инспекторат за труд, кој преку редовни и вонредни контроли ќе го следи почитувањето на законот и работничките права.
Таа посочи дека Законот предвидува и санкции за прекршителите. Работодавачите кои ќе го прекршат законот им се забранува работа од 15 дена, а доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата која редовно ја примаат.
„Изминатиот период особено се работеше на зајакнување на човечкиот капитал во Државниот инспекторат за труд“, рече министерката, посочувајќи дека за време на пандемија биле извршени дополнителни 100 проценти вонредни инспекциски контроли во однос на почитувањето на протоколите и на работничките права. Изминатиот период Министерството заедно со претставници на работниците, државниот инспекторат за труд и невладините организации кои работат во областа на трудот, одржуваа редовни зум состаноци особени важни за директна комуникација на работниците и трудовите инспектори, со цел поголема заштита на работничките права.