02 Мај, 2024
0.0294

СДСМ ГИ ДОБИ ИЗБОРИТЕ, НО КОИ СЕ ПОУКИТЕ - На Скопје мора повеќе да работат, коалицијата со Беса не се исплатеше

Објавено во: Македонија 21 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Официјално се на одмор, а во позадина нивни тимови, сепак, не само што го испитуваат пулсот, туку и разговараат на конкретни прашања. Има ли простор за коалицирање и формирање влада. Кои ќе бидат условите, ќе бидат ли тврди и невозможни, и колкав ќе биде влогот, или, пак, ригидните барања, сепак, ќе омекнат и владиниот колач на крајот успешно ќе се подели како и секогаш досега, а уште поуспешно бројните добро платени раководни места во јавната администрација.

Партиите се на потег, некои тврдат дека ништо не е исклучено, напротив можни се повеќе комбинаци за да се формира влада. Сепак, јавноста ќе почека новиот тим што ќе ја предводи земјава во следните четири години и официјално да биде соопштен.

А, во меѓувреме, Фактор анализира кој каде доби, а каде изгуби. Кои се победниците на последново изборно соочување, а кои се губитниците.

Како споредбена база ги зедовме податоците од парламентарните избори одржани во декември 2016 година. Веројатно јавноста добро памети дека тие избори се сметаа за своевидна пресвртница, бидејќи дотогаш на чело на земјата цели 11 години беше Владата на Никола Груевски, за која и од меѓународната заедница беше оценето дека ја заробила државата.

ЗОШТО МАКЕДОНЦИТЕ НЕ ИЗЛЕГОА, А АЛБАНЦИТЕ БЕА МОТИВИРАНИ

Она што може да се изведе како генерален заклучок за овие избори е дека етнички македонското гласачко тело било многу помалку мотивирано да излезе и да гласа во споредба со пред три и пол години. Затоа и двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, загубија вкупно над 250 илјади гласови во однос на 2016 година. Речиси во сите општини, двете најмоќни македонски партии, имаат пад на бројот на дадените за нив гласови, без разлика која во која општина или град ја однела победата.

За разлика од Македонците, етничките Албанци биле многу порасположени да гласаат, и тоа најмногу за етничките албански партии, а не толку за СДСМ, на пример, како што беше пред три и пол години. За коалицијата на социјалдемократите со БЕСА, наречена Можеме, може да се каже дека таа нив сосема сигурно не им ја донесе очекуваната поддршка преточена во број на албански гласови. Напротив, тие отишле или кај ДУИ, или кај коалицијата на Алијанса за Албанците со Алтернатива. Ако може да се зборува за добитници, тоа се и ДУИ, кои освоија 15 пратенички мандати и речиси секаде имаат раст на гласачите, но и Алијанса и Алтернатива, кои сега и дефинитивно се наметнаа како втора голема албанска сила. Еден од губитниците, пак, секако е ДПА, кои по бројот на гласови како полека да исчезнуваат од политичката сцена, иако освоија едно пратеничко место.

Од друга страна, пак, во македонскиот блок, на Левица не може а да не и се признае растот на бројот на гласови во сите општини, што им донесе две пратенички места. Иако, тие се далеку од онаа трета опција што би можела да им стане конкуренција на двата големи политички мастодонти, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

КАРПОШ И ЦЕНТАР ЗА СДСМ, АЕРОДРОМ И КИСЕЛА ВОДА ЗА ВМРО-ДПМНЕ

Да одиме по ред, прво во скопските општини од Првата изборна единица.

СДСМ сосема сигурно го изгуби Аеродром, бидејќи во 2016 таму победи со 23.220 гласови, наспроти 21.320 на ВМРО-ДПМНЕ. И уште една негативна бројка за СДСМ за оваа голема скопска општина е што таа во неа изгуби над 10.000 гласа, бидејќи сега освои само 13.026 гласачки ливчиња. ВМРО-ДПМНЕ, пак, факт е дека на овие избори водат во Аеродром, со 15.209 гласови, но и тие имаат голема загуба, односно над 6.000 гласови. Левица, пак, повеќе од двојно ја зголемила предноста, добивајќи дури 3.809 гласа, наспроти 1.379 во 2016 година.

Во Карпош на овие избори партијата на лидерот Зоран Заев е победник, бидејќи во таа општина добија 13.069 гласови, наспроти ВМРО-ДПМНЕ кои освоија 10.248. Сепак, СДСМ во Карпош во 2016 година биле многу поизразени победници, освојувајќи 21.592 гласа, наспроти 14.960 на ВМРО-ДПМНЕ. Или, социјалдемократите во Карпош изгубиле околу 8.500 гласови, наспроти вмровците, кај кои загубта во таа општина е нешто над 4.700 гласови. Затоа Левица повеќе од двојно расте, имала 2.762 гласа, наспроти 1.200 во 2016 година.

Кисела Вода важи за традиционално вмровска, па таа партија победила и во 2016 година, но и сега, а приближно ист е и минусот во бројот на гласови, по околу 6.000 кај двете партии. На овие избори ВМРО-ДПМНЕ освои 13.193 гласови, или над 6.200 гласови помалку од пред три и пол години, додека, пак, коалицијата на СДСМ освои 9.841 глас, што е пад за нешто помалку од 6.400 гласа во однос на 2016, кога имаа 16.226 гласови. И во оваа општина Левица има вистински бум, растејќи повеќе од тројно, од 854, на дури 2.945 гласа на ова изборно соочување.

Центар, пак, по традиција гласа за СДСМ, а центарци им останаа верни и на овие избори, иако помалку од претходните избори. Во Центар СДСМ победи со над 4.000 гласа разлика, освојувајќи 11.504 гласови, наспроти 7.101 на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, ако се има предвид дека во 2016 година за СДСМ гласале 18.710 граѓани, значи дека за три и пол години имаат загуба од над 7.200 гласови, додека, пак, кај ВМРО-ДПМНЕ загубата е за над 3.000 гласа, бидејќи во 2016 година освоиле 10.135 гласачки ливчиња. Левица, пак, има раст поголем од илјада гласачи, од 989, на 2.011 гласови на овие избори.

Во Сопиште ВМРО-ДПМНЕ победила со 1.337 гласа, наспроти 610 на СДСМ, при што и двете партии имаат намален број на гласови, наспроти ДУИ и Алијанса со Алтернатива, каде има двократен раст, односно од 200, добиле повеќе од 400 гласови поединечно.

НЕДОБИТНА КОАЛИЦИЈА

А во Чаир, пак, односно делот од таа општина што и припаѓа на Единицата, гласовите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ се преполовиле, ДУИ значајно пораснале, додека коалицијата на Алијанса со Алтернатива скокнала најмногу, неколкукратно повеќе од претходните избори, иако во споредба само со Алијанса од 2016 година. Од оваа скопска општина се гледа дека коалицирањето со Беса не им донесе голем резултат на СДСМ, на кој веројатно се надеваше. Па така, по број на гласови победник во Чаир е ДУИ, со освоени 6.933 гласови, или над 2.700 гласови повеќе од 2016 година, кога имале 4.228 гласови. Затоа, пак, Алијанса со Алтернатива во Чаир имаат најголема причина за славење, добивајќи 5.276 гласа во таа општина, наспроти само 826 колку што имала Алијанса во 2016 година, што е раст за повеќе од пет пати. Коалицијата на СДСМ и Беса, пак, Можеме, на овие избори во Чаир освои само 2.292 гласа, речиси двојно помалку од сама СДСМ во 2016 година, кога таа партија освоила 4.327 гласови. И ВМРО-ДПМНЕ во Чаир има двоен пад, од 1.958 гласови во 2016 година, на само 972 гласа на овие избори. Во Чаир се гледа и колку е во лоша позиција ДПА, бидејќи партијата на Мендух Тачи пред три и пол години имаше дури 1.517 гласови, а сега се сведе на минорни 197 гласачки ливчиња.

И во Сарај слична слика. ДУИ пораснале од 6.615 гласа во 2016 година, на 8.923 гласа на овие избори. Алијанса и Алтернатива, пак, преку нивната коалиција сега добиле дури 5.451 глс, наспроти 1.889 на Алијанса пред три и пол години. Коалицијата можеме прокнижила 1.781 глас, што е за над 1.000 гласа помалку во однос на 2.973 гласачки ливчиња колку што сама добила СДСМ во 2016 година. ВМРО-ДПМНЕ, пак, во Сарај сега има само 375 гласа, наспроти 527 во 2016 година. И ДПА, повторно голем губитник, од 1.432 гласа, се свела на само 124 во Сарај на овие избори.

Во Студеничани победник е коалицијата на Алијанса со Алтерантива, освојувајќи 2.485 гласа, наспроти само 682 Алијанса во 2016 година. ДУИ е втора со 2.041 глас, наспроти 1.244 на претходните избори, што значи и тука има раст. За ДПА ова е единствената успешна општина, бидејќи добила 1.558 гласа, наспроти 1.381 глас во 2016 година. Можеме во Студеничани имала само 1.038 гласа, наспроти многу повеќе, дури 2.515 гласа колку што пред три и пол години имале сами социјалдемократите. А ВМРО-ДПМНЕ, пак, ако во 2016 година во таа општина имале само седум гласа, на овие избори добила 382 гласачки ливчиња.

Кога станува збор за Втората изборна единица, во поглед на скопските општини, гласањето вака се одвивало.

Алијанса со Алтернатива се победници и во Арачиново, имаат 1.733 гласа, наспроти 733 Алијанса во 2016. Тука ДУИ има благ пад во однос на претходите избори, од 1.456, сега имат 1.365 гласа. Можеме има 1.360 гласа на овие избори, а во 2016 година СДСМ сама имала 2.052 гласа, што повторно говори дека коалицијата со Беса не им помогна воопшто на социјалдемократите.

Во Бутел победа освои ВМРО-ДПМНЕ, добивајќи 6.106 гласови, наспроти СДСМ со 4.649 гласа. Пад има и кај двете партии, но нешто поголем е кај СДСМ. Интегративците освоиле 2.368 гласа, што е подобро од 1.804 во 2016 година, а Алијанса со Алтернатива им дишат во врат на ДУИ, со 2.268 гласа, наспроти само 514 на Алијанса во 2016 година. Левица во Бутел скокнала од 298, на 705 гласови на изборите во 2020 година.

СДСМ ОДНЕСЕ ПОБЕДА ВО ШУТО ОРИЗАРИ, НО ИЗГУБИ ВО ГАЗИ БАБА И ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

Гази Баба исто така носи предност за ВМРО-ДПМНЕ, иако кај таа партија има поголем пад во однос на падот на СДСМ. За партијата на Христијан Мицкоски сега гласале 14.540 граѓани, наспроти 8.970 за СДСМ. Сепак, и двете партии имаат минуси, бидејќи за ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година гласале 21.543 гласачи, а за СДСМ 14.829 граѓани. ДУИ има раст, но оној кај Алијанса со Алтернатива е многу поголем. Пораст има и кај партијата на Димитар Апасиев, од 646, на 1.780 гласачи.

Во Ѓорче Петров ВМРО-ДПМНЕ на овие избори е во тесно водство, иако тоа било многу потесно во 2016 година. Или, за ВМРО-ДПМНЕ гласале 8.972 граѓани, наспроти 7.466, додека, пак, во 2016 година и двете партии имаа по над 12.000 гласачи.

Во делот од Чаир што припаѓа на втората изборна единица, пак, води ДУИ, со 4.295 гласа, следи коалицијата на Алијанса со Алтернатива, со 3.258 гласови, и кај двете нив, особено кај вториве, има голем раст во бројот на гласовите. Затоа, пак, Можеме има 2.280 гласа, наспроти 4.299 гласови колку што сама имаше СДСМ во таа општина во 2016 година.

И конечно, Шуто Оризари, убедлив победник е СДСМ, со 3.092 гласа, наспроти 2.632 гласа колку што имаше во 2016 година. Следи ДУИ, со 1.531 глас, што е раст од пред три и пол години кога оваа партија добила 944 гласа. А голем дебакл во таа општина има ВМРО-ДПМНЕ, која сега освоила 1.291 глас, што е над четири пати помалку од 4.856 гласа колку што имале во 2016 година.

Фактор оваа анализа ја направи за скопските општини од првите две изборни единици.

Анализата за другите градови ќе ја презентираме за читателите во следните денови.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

Петгодишно дете пронајденo со полиција во паркот во Сарај

Петгодишно дете пронајденo со полиција во паркот во Сарај

Пронајдена човечка коска од гробишта каj Клинички центар

Пронајдена човечка коска од гробишта каj Клинички центар

Од МВР нема одговор за „вооружената група во Чаир и Бутел“

Од МВР нема одговор за „вооружената група во Чаир и Бутел“

Чувар на паркинг пронајден починат во куќарка

Чувар на паркинг пронајден починат во куќарка

Каевски и Мојсовски сметаат дека политички се обвинети од ОЈО

Каевски и Мојсовски сметаат дека политички се обвинети од ОЈО

Нема да се знае кога ќе биде доведен Палевски, поради безбедносни причини

Нема да се знае кога ќе биде доведен Палевски, поради безбедносни причини

Деспотовски: Ново партиско раководство што ќе подаде рака кон членството

Деспотовски: Ново партиско раководство што ќе подаде рака кон членството

Изет Меџити кандидат за министер за внатрешни работи: Ќе видиме наредните денови

Изет Меџити кандидат за министер за внатрешни работи: Ќе видиме наредните денови

Водно денес без место за паркирање

Водно денес без место за паркирање