РСЕ: Софија тврди - Македонците се проект на Тито, македонскиот јазик е норма на бугарскиот
Објавено во: Македонија 16 Септември, 2020
Два услова и тези за македонскиот идентитет и јазик содржи таканаречениот објаснувачки меморандум кој официјална Софија го пратила до земјите членки на ЕУ, а во кој Радио слободна Европа има увид. Во него Бугарија бара поддршка од земјите членки за својата позиција кон напредокот на Македонија во Унијата.
Медиумот објавува дека во „Објаснувачкиот меморандум за односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија стои дека билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи треба да бидат дел од Преговарачка рамка за зачленување на Република Северна Македонија во ЕУ и да бидат дел од поглавјето 35. Софија го доставила до земјите-членки на Европската Унија и бара поддршка од нив.
Радио Слободна Европа има увид во документот кој има шест страници и во кој, меѓудругото, се наведува:
„Одржувањето на добри меѓусоседски односи и особено, спроведувањето во добра волја на билатералните договори со земјите членки на Европската унија треба да биде составен дел од Преговарачката рамка за прием на Република Северна Македонија во ЕУ и треба да биде набљудувано во поглавјето 35. Проценките дали тие меѓународни обврски се ефикасно исполнети треба да биде на конкретните земји членки“, се наведува во меморандумот.
И во дел од бугарскиот меморандум, официјална Софија споменува дека го подржува процесот на напредокот на Скопје кон ЕУ, но во него, во голем дел има и тврдења за развојот на македонската нација. Бугарија пишува дека Македонците се проект на Тито, а македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година.