Победнички Фактор: Ех, кога фудбалските успеси би се пресликале во општеството
Објавено во: Македонија 15 Ноември, 2021
Есен која ќе се памети. За среќа не по
политичките скандали и интриги, туку по историскиот успех на македонската
фудбалска репрезентација.
Ако секојдневието е се повеќе загадено, и во еколошка и во политичка смисла, тогаш на сцена стапуваат нашите херои, за да и покажат на нацијата дека има и за што да се радува, но и дека треба и тоа како многу повеќе да работи.
Фудбалерите по втор пат и носат екстаза од емоции на публиката. По прекрасната сага наречена Европско првенство, сега за прв пат во историјата се пласираа во Баражот за Мундијалот.
Можеме само да го повториме ставот дека сплотеноста меѓу фудбалерите од сите националности и конфесии треба да биде пример за целото општество, дека заеднички без поделби и со победнички менталитет може многу да постигнеме.
Кој би бил државниот еквивалент на победата над Германија во гости, петте гола во Ереван, декласирањето на „рибарите” во Скопје, сите освоени бодови во квалификациите?
Е за такви победи треба да работи македонското општество, но и македонските политичари.
Наместо тоа гледаме нечесен натпревар, „платени играчи да ја шитнат утакмицата”, непочитување на правилата на игра и одлуките на судијата, никаков фер плеј и неспортски потези.
За промени во резултати некогаш се менува и селекторот, особено ако потфрли во лидерството, а некогаш и самиот си поднесува оставка кога веќе нема авторитет во соблекувалната, но нашиот политички селектор иако си најави оставка ќе остане да доигра уште неколку натпревари.
А, има и селектори кои не знаат да го погодат тимот или ставаат погрешни играчи на клучни позиции. Опозицискиот селектор истрча во Собранието со непроверени сили, со тим без кохезија и воиграност, па изгуби уште на загревањето, не можејќи да се квалификува за првата политичка лига.
Доволни се засега овие политичко-спортски аналогии. Ќе сфатат политичарите дека ги „свиркаме”, па редно е да се фатат за сериозна работа и да се справат со Ковид-19 кризата, претстојната енергетска криза, растот на цените и инфлацијата и економските потешкотии кои ќе се одразат врз животниот стандард.
Доволно изгубивте половина месец по локалните избори, време ви е да одиграте нешто добро и за Македонија.
Х. С.ФОТО: Фејсбук