11 Мај, 2024
0.0184

ПО ДЕБАКЛОТ СО СЕВЕРНА ИРСКА - Драги Сетинов е подготвен да стане селектор на женската фудбалска репрезентација

Објавено во: Спорт 01 Декември, 2021

Добивај вести на Viber

Поранешната фудбалска легенда на Вардар и на Хајдук, Драги Сетинов, вели дека е подготвен да биде селектор на А репрезентацијата на Македонија во женскиот фудбал.

Ова тој го соопшти преку својот фејсбук профил.

Како што наведува, тој би седнал на преговори со раководството на ФФМ за да ја добие оваа спортска функција.  

„Почувствував потреба јавно да се произнесам бидејќи добив многу пораки и телефонски повици во врска со темата за нов селектор на А репрезентацијата на Македонија, каде сум наведен како најсериозен кандидат. Точно е дека добив предлог и бидејки редовно го следам женскиот фудбал, имам визија, план и програма, се со цел за подобри резултати со кои би се оправдале вложувањата кои не се мали. Секако, подготвен сум да седнам со раководството на ФФМ и да се договориме за доброто и подигнување на квалитетот на женскиот фудбал во Македонија. Спортски поздрав“, пишува Сетинов на својот фејсбук профил.

Како што е познато, македонската женска фудбалска репрезентација доживеа два страшни порази од Северна Ирска. По срамниот пораз од 11-0 во Скопје, таа репрезентација сега ги „почести“ фудбалерките на Македонија со 9-0. Ова беше натпревар од шестото коло од квалификациите за СП меѓу Северна Ирска и Македонија.

Селекторот Кирил Изов не можел да смета на најдобрите фудбалерки како Андонова и Рочи, а оние кои играа уште еднаш, како што пишуваа спортските медиуми, се посрамотиле.

Северна Ирска ни даде дури четири голови во првото и пет во второто полуверме. Македонија и по овој пораз останува на претпоследното место со освоени три бода.