„НИКОЈ НЕ МИ ВЕРУВАШЕ ДЕКА ВО РЕСТОРАНОТ МОЖАТ ДА СЕДАТ И СЕМЕЈНО ДА РУЧААТ ЛУЃЕ ОД ПОВЕЌЕ НАЦИОНАЛНОСТИ“ - Дабевски за искуството со „Кораб Трница“ за „Бизнис муабети“
Објавено во: Економија 17 Април, 2024
Интересни детали од разговорот со Јован Дабевски, познат македонски бизнисмен, кој гостуваше во подкастот „Бизнис муабети“ на Фактор.
„Јас бев тој што пред години тврдев дека во ресторанот „Кораб Трница“ можат да седат и семејно да ручаат луѓе од повеќе националности, и да не си пречат еден на друг. Тогаш никој не ми веруваше. За денеска без проблем таму да видите и Македонци, и Албанци, и Турци, и Македонци-муслимани, и на сите им е пријатно“, вели Дабевски.
Тој се осврнува и на темата зошто на нашата држава и од економски аспект и е многу битно што поскоро да стане членка на Европската унија.
„Во Европа ние сакаме да бидеме, и јас се молам секој ден да станеме членка на Европската унија“, вели Дабевски.
На прашањето на водителот Мишко Иванов дали не се плаши од конкуренција во бизнисот кога земјава ќе стане членка на ЕУ, тој вели:
„Нема зошто да се плашам, тоа е толку милионски пазар... Да, точно е дека на стартот тие ќе не нападнат и ние ќе изгубиме еден дел, но нашите можности се зголемуваат. Ние сега како Македонци во делот на храната од животинско потекло, како што е месото и млекото, имаме право да извезуваме само во земјите од ЦЕФТА, а во Европска унија не можеме. Е сега, ако станеме членка на ЕУ. И сега, ни се отвораат такви хоризонти, што практично ние добиваме, а не губиме“, објаснува овој познат бизнисмен.