НЕ Е БЕЗБEДНО: Годинава имало 18 престрелки во американските училишта
Објавено во: Свет 16 Февруари, 2018
И по трагедијата во Флорида каде момче пукаше и уби 17 деца во училиште, претседателот на САД, Доналд Трамп не зборува за промена на политиката за оружје во земјата.
Во првите 45 дена од годинава во училиштата во САД имало 18 случаи на престрелки, пишува CNBC. Во средата 19-годишно момче во училиште во Флорида, уби 17 лица и повреди 14 лица.
Во 2017 година имало 65 инциденти во САД. Едни од најсмртоносните напади со оружје во земјата се во училиштата и универзитетите. Во 2007 година, на пример, 32 луѓе беа убиени во Вирџинија на универзитет.
„Ниту едно дете, наставник или друг човек не треба да се чувствува несигурен во американско училиште"- истакна по пукањето американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер.
Во претходните случаи, тој не одговори на повиците за контрола на оружјето во земјата.
Во своето обраќање до нацијата тој обрна внимание на безбедноста во училиштата и менталното здравје, но не навести ништо за промена во правилата за трговија со оружје, пренесе Ројтерс.
Во Tвитер, Трамп напиша дека има докази дека сторителот имал психички растројства и е исклучен од училиштето.
19-годишниот Николас Круз го купил оружјето со кое пукал сосема легално.
Круз е вмешан во паравоени вежби на група на бели националисти во Флорида, соопшти Ројтерс, повикувајќи се на зборовите на шефот на групата.
Круз е обвинет за 17 убиства и ќе остане во притвор додека не започне судењето.