Наместо од собраниска говорница, Груевски преку партиско соопштение демантира за високите роаминг сметки
Објавено во: Македонија 04 Април, 2017
Откако пратеникот на СДСМ Павле Богоевски во Собранието презентираше фотографија на која од, како што рече, сметката за мобилен телефон на поранешниот премиер, Никола Груевски од над 184.000 денари за роаминг што ја плаќа Владата на РМ, од партијата на Груевски стигна демант.
Наместо од собраниската говорница, претседателот на ВМРО ДПМНЕ ги побива овие обвинувања, со образложение дека Груевски нема телефон кој го плаќа владата ниту пак од Малта имал разговори за такви високи сметки.
„Веста дека Владата го плаќа телефонот на Претседателот Никола Груевски е целосна измислица. Груевски нема телефон кој го плаќа владата. Ниту пак од Малта имал разговори за такви високи сметки“, соопштуваат од кабинетот на ВМРО ДПМНЕ.
Богоевски реагираше и за големиот број на реплики и контрареплики со кои се блокира работата на Собранието и се одвлекува дебатата за точките од дневниот ред – избор на составот на Комисијата за прашања на избори и именувања и за избор на претседател на Собранието.