02 Мај, 2024
0.0294

НА КРАЈОТ НА АВГУСТ МОЖНИ СЕ И 1.600 СЛУЧАИ ДНЕВНО: Вирусот има „небранет“ терен за ширење меѓу невакцинираните, епидемиологот Даниловски за Фактор

Објавено во: Македонија 06 Август, 2021

Добивај вести на Viber

Во изминативе неколку дена евидентно расте бројот на новозаразени во Македонија, а истовремено, иако со поспоро темпо, се зголемува и бројот на пациентите на кои им е потребно болничко лекување. Во разговор за Фактор, еден од најистакнатите епидемиолози во земјава, професор Драган Даниловски, посочува дека корона вирусот во моментов е посветен на негова лична борба за опстанок и теренот за ширење го наоѓа онаму каде што постои „небранет“ простор, а тоа е првенствено меѓу големиот број невакцинирани лица. Предупредува дека, сега имаме ситуација бројот на новозаразени да расте експоненцијално со период на удвојување од околу 5-7 дена, што би значело дека кон крајот на август лесно може бројот на новозаразени на дневна основа да надмине 1.600 случаи.

-Помладите се заразуваат заради фактот што сега вирусот меѓу нив наоѓа „небранет“ терен за ширење. Меѓу нив тој може непречено да формира долги ланци на инфекции, зашто постарите од 50-55 години се веќе вакцинирани во голема мера. Вирусот едноставно се поместува таму каде што има најмал отпор. Од друга страна, факт е дека делта сојот не само што е попренослив за 60-70 проценти од алфа, тој многу побрзо и се размножува кога ќе навлезе во организмот на домаќинот. Се проценува дека постигнува концентрација околу 1.000 пати поголема од онаа на алфа сојот. Ако знаеме дека од концентрацијата на вирусот во организмот зависи – покрај други фактори (како што се коморбидитетите) – тежината на клиничката слика, тогаш е сосема јасно зошто имаме ситуација и помлади лица да завршат на интензивна нега. Неодамнешна студија од Шкотска покажа дека ризикот да се заврши во болница кај делта сојот е двојно повисок од оној на алфа. Ризикот за мутирање секогаш е висок во услови на интензивна „пасажа“ на вирусот од домаќин на домаќин. Не мора да е секоја наредна посилна. Поверојатно е да биде попренослива, а да предизвикува полесни симптоми, зашто на вирусот „не му се исплати“ да ги убива брзо своите домаќини. Но, секако „му е важно“ да се пренесува на што поголем број нови домаќини. Едноставно, борба за опстанок, појаснува професор Даниловски.

Во однос на тоа што веќе и болниците повторно почнуваат да се полнат, а особено поради фактот што заклучно со вчера имавме 105 хоспитализирани само за едно деноноќие, па дури и вакцинирани пациенти, професорот нагласува дека за позаразната делта варијанта, вакцините обезбедуваат базична заштита.

-Вакцините беа дизајнирани во однос на алфа сојот. За делта сојот тие и понатаму обезбедуваат базична заштита, но таа овој пат е помала. За очекување е делта да ја заобиколува таа заштита во одредена мера и да има целосно вакцинирани лица кои ќе имаат потреба од хоспитализација. Но, колку и да е редуцирана, заштитата на вакцините против делта сепак е на високо ниво и дефинитивно е подобра опција да се вакцинирате, отколку да останете на мислост и немилост на вирусот, нагласува професорот.

Според него, рестриктивни мерки за спречување на понатамошно ширење на корона вирусот би помогнале, но не ако се насочени само кон невакцинираните граѓани. Сега, кога бројките се удвојуваат во период од една недела, смета дека не можеме да се потпреме само на вакцините. Добро би било, како што посочува, да се забранат свадбите, да има ограничувања на бројот на гости во локалите, и ригорозно да се инсистира на носењето маски во затворен простор.

-Рестриктивни мерки би помогнале, ама не насочени само кон невакцинираните. За волја на вистината, кај нив вирусот постигнува повисоки концентрации и – логично – исфрлаат од себе поголем број вируси. Но, во случајов со делта сојот, и вакцинираните со две дози може да се заразат во 30-50, па и повеќе проценти (зависно од вакцината) и да го пренесуваат вирусот – додуша, во многу помали концентрации. Како и да е, ако рестриктивните мерки би имале за цел да ја намалат циркулацијата на вирусот, тогаш, со тие мерки треба да бидат опфатени и вакцинираните. На ова веројатно ќе реагираат вакцинираните граѓани. Но, треба да знаат дека вакцините, пред сѐ, се замислени да заштитат да не се заврши на респиратор или на гробишта. Ниедна вакцина не штити стопроцентно од заразување. Во ситуација како сегашнава, кога бројките се удвојуваат за околу недела дена и кога ни оддалеку немаме колективен имунитет, за совладување на бранот, не можеме да се потпреме само на вакцините. Не, не мислам на строги „локдауни“, туку на ригорозно инсистирање на маски во затворен простор и одржување растојание, а ако дојде до закана за преоптоварување на болничките капацитети – и ограничување на бројот на посетители во јавни локали, можеби дури и забрани за свадби, поголеми собирања и сл. Да не го заборавиме и автобускиот превоз..., вели тој.

Иако и децата се значаен дел од популацијата за стекнување колективен имунитет во една држава, според професор Даниловски, во моментов не мора да се инсистира на нивно вакцинирање, пред се поради фактот што тие вирусот го поминуваа со многу полесни симптоми и што сега во Македонија е многу поважно вакцинацијата да има поголем опфат кај популацијата над 50 години.

-Децата се дел од популацијата. Вирусот не познава граници. Како што кажав погоре, тој ќе се шири таму каде што има најмал отпор и шанса за непречено воспоставување ланци на инфекции. Децата – докажано е – се значаен двигател на епидемиското ширење. Меѓутоа, имајќи предвид дека, сепак, децата секако и досега поминуваа во најголем дел со лесни симптоми, ако се заразеа, мислам дека не би било во ред веднаш да се инсистира на нивно вакцинирање, кога истовремено кај нас популацијата постара од 50 години е опфатена со една доза просечно само околу 50 проценти. Прво нив да ги вакцинираме со две дози. Дури потоа да се свртиме кон децата – и тоа, пред сѐ, на оние деца кои имаат хронични здравствени проблеми, кои би претставувале ризик-фактор за потечко прележување на ковид, нагласува професорот.

Дали постои „опасност“ од уште една онлајн учебна година, професорот смета дека сѐ ќе зависи од развојот на епидемиолошката ситуација. Ако растот на случаите продолжи со сегашново темпо, како што вели, треба да се земе предвид и таа опција.

Во однос на прашањето дали е можно вирусот повторно да „експлодира“ и  хоспитализациите да станат критични во однос на бројот на примања, епидемиологот Даниловски појаснува:

-Имаме ситуација бројот на новозаразени да расте експоненцијално со период на удвојување од околу 5-7 дена. Тоа значи, растот ќе забрзува сѐ повеќе! Ако денес имавме 219 случаи, кон крајот на август лесно може да се надмине бројката од 1600 случаи дневно! Сепак, засега, бројот на хоспитализираните и починатите не го следи тоа темпо. Во ситуација кога имаме вакцини во доволен број, депласирано е со општи рестриктивни мерки државата да ги штити оние што не сакаат да се вакцинираат - од нив самите! Секој со својот памет. За да не станат хоспитализациите критични, би требало сега приоритетно да се вакцинираат постарите лица и оние со хронични болести! Секако, треба што побрзо да се донесе одлука и за нивно вакцинирање со трета доза, ако има за тоа потреба врз основа на увид во бројот на антитела – особено оние кои се вакцинирани со кинески вакцини, заклучува епидемиологот Даниловски во разговорот за Фактор.

Анита Буховски

Можеби ќе ве интересира

Петгодишно дете пронајденo со полиција во паркот во Сарај

Петгодишно дете пронајденo со полиција во паркот во Сарај

Пронајдена човечка коска од гробишта каj Клинички центар

Пронајдена човечка коска од гробишта каj Клинички центар

Од МВР нема одговор за „вооружената група во Чаир и Бутел“

Од МВР нема одговор за „вооружената група во Чаир и Бутел“

Чувар на паркинг пронајден починат во куќарка

Чувар на паркинг пронајден починат во куќарка

Каевски и Мојсовски сметаат дека политички се обвинети од ОЈО

Каевски и Мојсовски сметаат дека политички се обвинети од ОЈО

Нема да се знае кога ќе биде доведен Палевски, поради безбедносни причини

Нема да се знае кога ќе биде доведен Палевски, поради безбедносни причини

Деспотовски: Ново партиско раководство што ќе подаде рака кон членството

Деспотовски: Ново партиско раководство што ќе подаде рака кон членството

Изет Меџити кандидат за министер за внатрешни работи: Ќе видиме наредните денови

Изет Меџити кандидат за министер за внатрешни работи: Ќе видиме наредните денови

Водно денес без место за паркирање

Водно денес без место за паркирање