На 2 октомври Ахмети ќе биде сослушан за случајот „Попис“
Објавено во: Македонија 17 Септември, 2020
Истрагата за „Попис“ привршува, a лидерот на ДУИ, Али Ахмети ќе биде сослушуван на 2 октомври.
Ќе треба да каже на кој начин беше запрен процесот на пребројување на населението во 2011 – та година.
Пописот се организираше во време на владеење на ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ.
Сепак, оваа статистичка операција на само пет дена пред завршување, беше прекината по оставката на сите тогашни членови на пописната комисија.
„Значи, оние граѓани кои се отсутни повеќе од една година од државата, нема да се попишат. Законот е дециден, препораките и методологија на Еуростат се децидни и јас сум обврзана да работам по нив.“, велеше претседателката на Државната пописна комисија – Весна Јаневска.
Тие тогаш оценија дека поради недоследности во процедурата, ќе се добијат нерелевантни податоци.
Истрагата за овој случај ја отвори сега веќе згаснатото Специјално јавно обвинителство, а освен Ахмети за пропаѓање на пописот го сомничеше и екс-премиерот Никола Груевски кој доби азил во Унгарија.
Македонија најверојатно идната година ќе има попис на населението.
Последниот попис е од 2002 година.