17 Мај, 2024
0.0289

МАКЕДОНСКА БАНКА, ЕКСПОРТ-ИМПОРТ, РАДО БАНКА - колку пари досега зедоа штедачите на 11 пропаднати банки и штедилници

Објавено во: Економија 19 Август, 2020

Добивај вести на Viber

Колку пари ќе треба да им исплати Фондот за осигурување на депозити на штедачите на Еуростандард банка, ќе каже стечајниот управник, откако ќе ги скенира книгите и податоците на банката. 

Она што сега се знае е дека над 136 илјади штедачи во банката чувале близу 72 милиони евра. Но, не сите ќе си ги земат сите пари, туку само оние кои имале депонирано до 30 илјади евра. За 708 штедачи, пак, се знае дека имале многу повеќе средства во банката, па тие делот над 30 илјади евра ќе треба да го побаруваат и да го очекуваат од стечајната маса.

Фондот за осигурување на депозити вчера ги извести штедачите дека парите ќе можат да си ги земат преку четири банки, и тоа Стопанска банка Скопје,·НЛБ Банка, Халкбанк и Комерцијална банка.

А сега e интересно да се види колку биле обесштетени штедачите од другите банки и штедилници што пропаднаа во земјава, од периодот на нејзиното осамостојување. Тоа може да се дознае од евиденцијата на Фондот за осигурување на депозити, односно од нивниот полугодишен финансиски извештај за 2019 година.

Всушност, тоа е последниот полугодишен извештај што го има побјавено Фондот за осигурување на депозити, заклучно со јуни 2019 година. Според нашите сознанија, Фондот има изготвено ваков полугодишен извештај и заклучно со крајот на минатата година, но се уште не бил одобрен на владина седница, па од тие причини и се уште не е презентиран на веб страницата на Фондот.

Што покажува последниот Извештај на Фондот?

Од вкупно пропаднати 11 банки и штедилници во земјава, Фондот - за обесштетување на нивните штедачи исплатил вкупно 22,3 милиони евра. Тоа, пак, е 90,2 отсто од вкупно 24,8 милиони евра, колку што било пресметано обесштетување за овие 11 субјекти.

Додека, пак, вкупните депозити во нив изнесувале 29 милиони евра.

„Од формирањето на Фондот во јануари 1997 година, до 30 јуни 2019 година, се случиле вкупно 11 ризични настани. Од 1997 година до 30 јуни лани се обесштетени вкупно 20.073 штедачи, што претставува 90,2 отсто исплатени обврски од Фондот. Останатите 9,8 отсто претставуваат обврска за обесштетување во вкупен износ од 2,4 милиони евра, кон 101.878 штедачи, кои од лични причини не го оствариле своето право на обесштетување. Анализата на структурата на овие штедачи укажува дека над 50 отсто од нив имаат поединечни депозити - предмет на обесштетување помеѓу 100 денари и 1.000 денари кои можеби поради неатрактивноста на износот и покрај бројните јавни повици за можноста да го остварат своето право на обесштетување сепак истото не го остваруваат. Во првата половина на 2019 година вкупно се исплатени 6 штедачи во вкупен износ од 44,3 илјади денари“, навеле од Фондот во својот извештај.

Од вкупно 22,3 милиони евра кои биле исплатени кон штедачите, најголем дел отишле за штедачите на Македонска банка. Податоците на Фондот зборуваат дека дури 18,9 милиони евра завршиле за обесштетување на овие лица. Овие 18,9 милиони евра се всушност 89 проценти од парите кои Фондот требало да им ги исплати вкупно на штедачите на Македонска банка. Односно, за нивно обесштетување Фондот пресметал дека вкупно треба да се вратат 21,2 милиони евра.

Ова, пак, значи дека дури 2,3 милиони евра се пари кои им селедуваат на дел од штедачите на Македонска банка, но тие се уште не дошле да си ги подигнат, и покрај тоа што банката беше ликвидирана уште пред 13 години, односно во 2007 година.

Соевремено за овие штедачи имаше повици од Фондот да дојдат да си ги подигнат средствата, но очигледно за 2,3 милиони евра штедни депозити, не можат да се најдат нивните сопственици.

Директорот на Фондот, Борче Хаџиев, за Фактор вели дека тие пари штедачите ќе можат да си ги земат во секое време. „Овие средства не застаруваат. Тие се тука и ги чекаат штедачите. Кога и тие да дојдат да ги подигнат, ќе можат тоа да го сторат без никаков проблем“, ни изјави Хаџиев, потенцирајќи дека истото ќе важи и за штедачите на Еуростандард банка, односно дека тие прво ќе можат да си ги земат парите преку банките исплатувачи, а дури и кога тој договор ќе престане, податоците се префрлаат во Фондот, а штедачите ќе можат во секое време да си ги подигнат парите.

За обесштетување на штедачите на сите други банки, пак, се потрошени многу помалку пари.

Втора по сумата на исплатени средства е за штедачите на Експорт-импорт банката, која пропадна во 2004 година. За обесштетување на нејзините штедачи Фондот исплатил 1,5 милиони евра. Тоа е 96,6 отсто од пресметаните обесштетувања. 

На Радо банка, пак, Фондот и исплатил 1,2 милиони евра, што е околу 95 отсто од вкупните пари што од Фондот го пресметале како обесштетување. 

За штедачите од штедилницата Интерфалко се исплатени околу 18 милиони денари, а за оние на штедилница Инко близу 12 милиони денари. 

Сума од околу 7 милиони денари е исплатена за Мит штедилница, а за Унипроком од Фондот се дадени пет милиони денари. 

Од табелата може да се види дека во осум банки и штедилници биле исплатени од 90 отсто па нагоре од влоговите, освен кај Алмако банка, каде исплатата е само 20 отсто од вкупно пресметаното обесштетување, како и кај штедилниците Фершпед и АМ, каде воопшто немало обесштетување и стапката е нула. 

ПРАВОТО НА ОБЕСШТЕТУВАЊЕ НЕ ЗАСТАРУВА

Да се вратиме на Еуростандард банка. 

Фондот сега чека да го добие од стечајниот управник конечниот список на депозитите кои се предмет на обесштетување, по што ќе ги распредели депонентите по банките - исплатувачи и ќе ги извести во која банка ќе бидат распределени за обесштетување.

Фондот навремено ќе ги извести депонентите и јавноста за датумот на почетокот на исплатата на обесштетувањето на осигурените депозити кај банките – исплатувачи

Од Фондот рекоа и дека се прават максимални напори исплатата да започне што поскоро, иако се уште нема точен датум. Сепак, уште кога и беше одземена дозволата на банката, надлежните најавија дека штедачите нема да чекаат повеќе од 20 дена. 

А обесштетувањето всушност не застарува, односно откако тоа ќе стартува, штедачите ќе можат потоа да си ги подигнат парите тогаш кога ќе имаат можност. Парите може да ги подигне и ополномоштено лице преку нотар. 

Всушност, како што за Фактор потврди директорот на Фондот, Борче Хаџиев, со банките Фондот ќе потпише договор на три или на пет години. Рокот во кој граѓаните би морале да брзаат за да ги подгнат своите пари не застарува, туку нив ќе можат да си ги подигнат во секое време. 

Покрај лично, средствата ќе може да ги подигнуваат и други граѓани кои од штедачите ќе бидат ополномоштени, со полномоштво заверено на нотар.

Но, до Фактор одредени граѓани кои живеат во странство, а имале свои заштеди во Еуростандард банка, но не можат да се вратат во земјава поради ковид пандемијата, го поставуваат прашањето како тие да си ги подигнат своите пари. Односно, поради физичкото отуство од земјава, како тие да ополномоштат некој свој близок за да им ги подигне парите преку банката исплатувач. Директорот на Фондот, Хаџиев, вели дека тоа прашање се уште не се разгледувало, но ќе се разгледува. „Тоа прашање за нашуте граѓани во странство се уште не сме го разгледувале, но ќе го разгледаме во следните денови“, објаснува Хаџиев. 

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

„Лидл“ за секој вработен во Македонија троши по 3.000 евра месечно

„Лидл“ за секој вработен во Македонија троши по 3.000 евра месечно

Давор Сакач, директор на Telekom Srbija Ventures Fond: Половината стартапи во кои инвестиравме се засновани на развојот и имплементацијата на ВИ

Давор Сакач, директор на Telekom Srbija Ventures Fond: Половината стартапи во кои инвестиравме се засновани на развојот и имплементацијата на ВИ

ФАКТОР АНАЛИЗА: Најуспешни компании во Градот на Гемиџиите - фамилијарен бизнис направи топ-добивка од „амбалажа“ за храна

ФАКТОР АНАЛИЗА: Најуспешни компании во Градот на Гемиџиите - фамилијарен бизнис направи топ-добивка од „амбалажа“ за храна

Светски инвеститори со интерес за македонските стартапи

Светски инвеститори со интерес за македонските стартапи

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скопските ИТ компании доминираат со направените добивки кај програмерите

ФАКТОР АНАЛИЗА: Скопските ИТ компании доминираат со направените добивки кај програмерите

ЕКОНОМСКИ НАПРЕДОК: За две децении 10-те „нови членки“ на EУ го удвоија својот БДП

ЕКОНОМСКИ НАПРЕДОК: За две децении 10-те „нови членки“ на EУ го удвоија својот БДП

„Ќе забават инвестициите на германските компании во Македонија“: бизнис климата ја оценуваат како добра, но недостига стручен кадар

„Ќе забават инвестициите на германските компании во Македонија“: бизнис климата ја оценуваат како добра, но недостига стручен кадар

ФАКТОР АНАЛИЗА: Најголеми компании по добивка во Струмица - Панче Заев и Г'на дебитанти

ФАКТОР АНАЛИЗА: Најголеми компании по добивка во Струмица - Панче Заев и Г'на дебитанти

ИЗМАЧУВАЧКО БАВНО ЗАКРЕПНУВАЊЕ: Европската комисија ја намали економската прогноза за Германија

ИЗМАЧУВАЧКО БАВНО ЗАКРЕПНУВАЊЕ: Европската комисија ја намали економската прогноза за Германија