26 Април, 2024
0.0284

Лукашенко во Сочи кај Путин – но не на капење во море

Објавено во: Свет, Колумни 14 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Белорускиот претседател, Александар Лукашенко, во моментов кога го читате текстов најверојатно ќе води разговори со неговиот домаќин, рускиот претседател Владимир Путин. Денес е предвидена нивна средба во Сочи. Лукашенко сигурно нема да има време да се капи во морето, но сигурно ќе се капи во потта при разговорот со Путин.

Последниот диктатор во Европа како што милуваат да го наречат на Запад Лукашенко, навистина и има зошто да се поти. Тој на средбата со Путин доаѓа по најновите вчерашни протести во неговата земја. Протести кои почнаа на 9 август и до ден денес не престануваат. Поводот беа изборите за претседател во Белорусија во кои победи Лукашенко, официјално, но опозицијата смета дека тие се лажирани и е направен фалисификат. Како минуваат деновите битката со опозицијата се заострува.

Иако на прв поглед Лукашенко останува цврсто во претседателската фотеља, опозиционерите, колку и да не се обединети, колку и да ги затвораат лидерите, се се' поенергични. Орото го водат жените. Ним вчера им се приклучија здружени хакери и IT-работници, кои преку соопштение се заканија на Лукашенко и на неговите помошници дека ги имаат сите бази и регистри, па доколку не сопре затворањето на луѓето што протестираат, тогаш тие најнапред ќе го урнат даночниот систем, па земјата ќе остане без електрична струја, а потоа ќе биде урнат и банкарскиот систем во земјата! Како одговор на ова во Белорусија вчера беа приведени над 400 лица. Хакерите од Лукашенко побараа денес тој лично во Минск да се извини пред белорускиот народ.

Во вакви услови тој денес ќе треба да разговара со Путин за сопствената иднина. Не за иднината на Белорусија. Туку лично за неговата. Зашто знае дека му се ближи крајот. Дека тоа е прашање на време. Недели или месеци. Ќе бара помош од Путин, најмногу финансиска, а потоа и за енергенсите. Сметајќи дека ако тоа го добие ќе ја стабилизира ситуацијата во земјата. Што, пак, ќе му овозможи да остане на власт и натаму. Најмалку до референдумот за новиот Устав што тој го подготвува, а потоа и до предвремени избори, „ако треба“, вели Лукашенко. Зашто сега тој категорично отфрла секакви предвремени избори, кои ги бара опозицијата. Како секој автократ кој е на пат да ја загуби власта и Лукашенко се фаќа за последната сламка која би значела спас. Во моментов тоа е Русија. За Запад веќе не е интересен. ЕУ не ги призна изборите. Некои членки, како Литва, на пример, ја прогласија неговата противничка Светлана Тихановскаја за победник на нив и со тоа за претседател на Белорусија!

Што може да бара Русија од Лукашенко за возврат за дадена поддршка?Русија, може да ги намали тарифите за гасот и нафтата и да репрограмира некои кредити дадени претходно на Белорусија. Лукашенко, пак, од своја страна ќе го потврди цврстиот статус на руските воени објекти разместени на територијата на неговата земја. Може ќе стане збор, но нема многу да се афишира разговорот, и за формирањето на Сојузна држава, поточно за интеграција на двете земји. Потврда за последново е и изјавата на Марија Захарова, портпарол на руското МНР, дека нема ништо чудно во тоа што процесот на интеграција меѓу Русија и Белорусија оди бавно и некогаш сложено. Според неа „Има редица фактори и економски и финансиски, а и периодот за историска интеграција не е така едноставен. Сега светската економија страда од последиците од пандемијата, дури и во оние земји во кои нема сложени интеграциски процеси, па за тие работи мора да се води сметка“.Инаку пред некој ден беше најавено дека во Сочи ќе нема потпишување на документи, ниту пак прес конференција.

Изјавата на Захарова дадена вчера очигледно има своја намена. Прво, да не се очекуваат некакви големи резултати од средбата на двајцата претседатели во поглед на интеграцијата. А второ да ги разувери оние кои очекуваат дека Путин сега ќе го притисне Лукашенко за итна интеграција. Демек сега му е мајката да се направи она што се влече дваесетина години. Договорот за создавање Сојузна држава Русија и Белорусија беше потпишан на 8 декември 1999 година во Москва. Во декември лани на 20-тата годишнина  од тој документ се предлагаше донесување на програма за продлабочена интеграција. Беше направена и работна група за правење предлози. Двете страни направија 31 проект на „патни карти“ за толку гранки. Но програмата до ден денес не е прифатена. Се предвидуваше и единствена валута и др.

Александар Лукашенко не е некој политички незнајко. Тој е искален во 26 годишното водење на Белорусија. Не би требало него да го сфаќаат како проруски политичар. Тоа го покажа праксата во изминатите години. Главна работа за него е да остане на власт. Неодамна во едно интервју за руски новинари, тој сам си забележа дека, парафразирано, „можеби сум долго на власт“. Но ова не му пречи да остане на власт и натаму. Во предвечерието на изборите тој за себе бараше поддршка од Западот. Имаше изјави со кои се дистанцираше од Русија. Во најмала рака ја правеше недобронамерна. Со тоа кокетираше со националистите во земјата. Но сега по настаните таму излегува дека неговата легитимност тој предимно ја црпи од Москва и Кина. Тој знае дека патот кон Запад му е затворен, па затоа не ја вади Русија од уста и Путин, небаре му е брат. А и го нарекува „мојот постар брат“.

Е, сега, неговиот „постар брат“ ќе му ја крои судбината.Колку и да не сака Лукашенкопредвремени избори, Путин сигурно ќе му раскаже нешто за тоа. Лукашенко, велат, не би сакал Москва да стане посредник во решавањето на внатрешниот конфликт во Белорусија. Туку да му дозволи нему сам да ги води работите недозволувајќи преговори со опозицијата. Руското раководство знае дека ситуацијата за него е добитна, но нема да го турка Лукашенко подлабоко во водата во која се дави. Со што ќе му даде до знаење дека тој ќе мора утре да води сметка кога Кремљ ќе игра на картата и на други сили во земјата.

Во полза на руските намери кон Белорусија се и настаните кои се развиваат на Запад. САД се во хаос. Што од последиците од коронавирусот, што од протестите против расизмот во земјата. Веќе почна, а допрва ќе се зголемува хаосот од претстојните избори. Па не може да се занимава со „ширење демократски вредности“ во некоја земја од Источна Европа. Најмногу од се“ што можат да направат Американците е најавување на санкции против Белорусија. Тие ја повикаа Москва да не го поддржува Лукашенко. Првиот заменик државен секретар, СтивенБиган, изјави дека „Мнозинството Белоруси ја сметаат Русија за земја најблиска кон нивното срце и ние ги почитуваме тие чувства и суверениот избор. Но ние не разбираме како Москва може да го поддржува таквиот режим и насилството против мирните граѓани“. Тој предупреди: „Ако Кремљ продолжи да оди по тој пат, тој ризикува да го сврти белорускиот народ, кој со ништо не е навреден од Русија, против Москва“.

Европската Унија, покрај своите маки, од Брегзитот, од коронавирусот, од внатрешните подлеби, не знае како да се расправа со Белорусија. Вообичаена закана се санкциите. Ама не и против Лукашенко. Околу него се поделија во ЕУ. Балтичките земји се за поостри санкциии. Но, ако има санкции и за него тогаш ЕУ ќе нема со кого да соработува во потрагата по мир во Белорусија. Иако практично таа и сега е исклучена од решавањето на кризата таму. Евентуалните контакти одат преку Москва. На пример,Меркел се обраќа на Путин, а овој пораките ги пренесува на Лукашенко. Но не е само Лукашенко проблем за Европа. И неговата опозиција исто. Нејзините водачи, веќе се делат, а некои покажуваат и лидерски амбиции. Едни се во Литванија, други во Полска, трети во Минск или во притвор. Згора на ова руски специјалисти, новинари и пропагандисти, дојдоа на замена на белоруски, кои ги напуштија своите работни места во знак на протест против политиката на Лукашенко. И сега е забележлив ефектот во пропагандата. Ако на почетокот Лукашенко ја губеше пропагандната војна сега тој има најмалку  нерешено, ако не и водство.

Со што ќе замине Лукашенко од Сочи? Покрај економската помош,  Кремљ најверојатно ќе го убедува да оди на варијантата со промени на уставот со кој ќе се развласти претседателот. Лукашенко самиот најави дека во подготовки е нов устав уште пред изборите, а и по почетокот на немирите тоаго повторуваше. И дека ќе има ограничување на претседателскиот мандат. Прашањето е дали Путин ќе успее да го убеди Лукашенко да распише предвремени претседателски избори во прифатлив рок за опозицијата. Зашто белорускиот претседател најмногу од се’ ја сака власта. Доколку успее ваквиот приод, тогаш и Запад би го поздравил тоа решение и „демократскиот“ чекор на Лукашенко. А и Русија би била во добивка. „Промената на Уставот ќе овозможи семоќниот белоруски лидер да се замени со безлична група „товариши“ – неуверени во иднината, непријателски настроени еден кон друг и каде, каде повеќе зависни од Москва“, вели еден московски експерт.

Да ги почекаме вестите од Сочи денес. Да видиме колку и дали Лукашенко се капел во сопствената пот. Дали конечно решил да се одлепи од претседателската фотелја за доброто на неговата држава. И да стави крај на практиката во постсоветските држави за децениско владеење и потоа предавање на власта на синот или свои блиски. Поточно, одбирање на свој наследник. А можеби Лукашенко ќе се поти и од неизвесноста да не му ја земат власта додека тој е во странство. Такво нешто тешко е остварливо, знаејќи дека неговиот син е прв човек на Советот за безбедност, но ништо не се знае. Советското искуство само потврдува такви работи. А велат дека Белорусија е „најсоветска“ земја денес.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ПОЧИНА БЕБЕТО КОЕ ЛЕКАРИТЕ ВО ГАЗА ГО ИЗВАДИЈА ОД УТРОБАТА НА УБИЕНАТА МАЈКА: По неколку дена се јавиле сериозни здравствени проблеми

ПОЧИНА БЕБЕТО КОЕ ЛЕКАРИТЕ ВО ГАЗА ГО ИЗВАДИЈА ОД УТРОБАТА НА УБИЕНАТА МАЈКА: По неколку дена се јавиле сериозни здравствени проблеми

ПИШУВАЛА АНТИВОЕНИ ГРАФИТИ: Руска тинејџерка е осудена на 3.5 години затвор

ПИШУВАЛА АНТИВОЕНИ ГРАФИТИ: Руска тинејџерка е осудена на 3.5 години затвор

Ќе бидат потребни 14 години да се отстранат урнатините во Појасот Газа, вели официјален претставник на ОН

Ќе бидат потребни 14 години да се отстранат урнатините во Појасот Газа, вели официјален претставник на ОН

КИНА И САД ТРЕБА ДА БИДАТ ПАРТНЕРИ, НЕ РИВАЛИ: Кси Џинпинг го пречека Блинкен

КИНА И САД ТРЕБА ДА БИДАТ ПАРТНЕРИ, НЕ РИВАЛИ: Кси Џинпинг го пречека Блинкен

„КРАЛОТ ЧАРЛС Е ВО МНОГУ ПОЛОША СОСТОЈБА ОТКОЛКУ ШТО СЕ ПРИКАЖУВА ВО ЈАВНОСТА“: Погребот активно се планира

„КРАЛОТ ЧАРЛС Е ВО МНОГУ ПОЛОША СОСТОЈБА ОТКОЛКУ ШТО СЕ ПРИКАЖУВА ВО ЈАВНОСТА“: Погребот активно се планира

Официјално: Тенковите „Абрамс“ тргнати од првата борбена линија

Официјално: Тенковите „Абрамс“ тргнати од првата борбена линија

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

НАЈГОЛЕМИТЕ ЕКОНОМИИ ГИ ПОДБРАА БОГАТАШИТЕ: Милијардерите да плаќаат даноци за да ја надоместат штетата на светот

ЌЕ ГИ ОГРАНИЧАТ ОДНОСИТЕ СО ПУТИН: Европскиот парламент ги прогласи изборите во Русија за нелегитимни

ЌЕ ГИ ОГРАНИЧАТ ОДНОСИТЕ СО ПУТИН: Европскиот парламент ги прогласи изборите во Русија за нелегитимни

(ВИДЕО) УКРАИНКА САКАЛА ДА ГО ПРОДАДЕ СИНОТ: Со парите кои планирала да ги земе сакала да почне бизнис

(ВИДЕО) УКРАИНКА САКАЛА ДА ГО ПРОДАДЕ СИНОТ: Со парите кои планирала да ги земе сакала да почне бизнис