Љупчо Николовски: Не се вакцинирав во Дубаи, работев по 16 часа на ден
Објавено во: Македонија 24 Март, 2021
Вицепремиерот Љупчо Николовски во Велес демантираше дека тридневниот одмор во Дубаи го искористил за да се вакцинира. Вели дека одморот му бил испланиран многу порано и затоа бил оставен впечаток дека ја напуштил Македонија во кризен период.
- Имам право на одмор законски, и тоа нема да дозволам да ми биде одземено. 16 часа работам дневно за граѓаните - чесно и искрено. Имам право да и посветам три дена на сопругата, само единствено контекстот е избран како погрешен, рече Николовски.
Николовски воедно демантираше дека на одморот користел службени ресурси, а додаде и дека истиот си го платил од платата.
- Не сум се вакцинирал, ниту сум бил со службен пасош, службен телефон или службено возило. Имам право со таа плата да платам одмор, рече тој.