Куновска: Заев заедно со своите најблиски соработници да замине веднаш
Објавено во: Македонија 26 Ноември, 2020
Aктерката и поранешна пратеничка и претседателка на Форумот на жени на СДСМ, Софија Куновска бара премиерот Зоран Заев да си поднесе оставка.
Вели дека Заев, заедно со своите најблиски соработници, треба да замине веднаш од СДСМ и од функцијата премиер.
„Во историска смисла, оваа отсечка ќе биде еднакво грозна како и владеењето на Никола Груевски и неговиот режим. Тој драматично ја уназади цивилизациски, поточно економски, образовно, културно, а особено идентитетски барајќи ги корените кај Хунзите и Александар Велики. Оваа гарнитура продолжува со истиот идентитетски инженеринг, но во спротивната насока, трампајќи ги вистинските корени, со сосед со јасни вековни аспирации, за трговска зделка, онеспособувајќи ги на дневна основа, заради својата неспособност, сите витални системи на државата“, пишува Куновска.
Додава дека ова е најсрамната презентација на меѓународна сцена која ќе се памети „Бидејќи не заслужуваат повеќе, во оваа пригода во фуснота само сакам да посочам уште некоја дилема: Навистина ли мислат платениците од медиумите дека и ова ќе им го голтаат граѓаните? Имаат ли лимит? Посебно сум љубопитна, дали по сѐ ова ќе има трансформација на досегашната соработка на бизнис-комитите од ВМРО со актуелниот премиер“, додава таа.