КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите
Објавено во: Македонија 29 Март, 2024
Две од трите уапсени лица кои се сомничат дека го извршиле нападот врз матичниот лекар Ацо Трпковски, добија куќен притвор, соопштија од Јавното обвинителство.
- Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара.
Предлогот е прифатен и бараната мерка е определена - соопштуваат од Јавното обвинителство.
Свирепото убиство на доктор Трпковски ја потресе скопската населба Железара, во која скоро и да немало човек кој не го познавал, но и цела Македонија, а особено колегите.
Тој беше пронајден со убодни рани во својот паркиран автомобил „Киа“ пред поликлиниката, доцна во ноќта, од неговите двајца синови, кои почнале да го бараат, откако неколку часа го немало да се врати од работа.