КОЈ И СЕ ЗАКАНУВА НА ПРАТЕНИЧКАТА ШТО БАРА ВОНРЕДЕН КОНГРЕС НА ВМРО-ДПМНЕ - Дамчевска пријавила во полиција
Објавено во: Македонија 27 Август, 2020
Поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Весна Дамчевска Илиевска, информира дека примила закани, поради барањето одговорност од раководството на партијата.
Заканите таа ги пријавила во полиција.
Инаку, Дамчевска-Илиевска, како и други сегашни и поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ, кои се здружија во Иницијативен одбор за вонреден конгрес, деновиве се погласно бараат оставка од партискиот лидер Христијан Мицкоски. Причина за тоа, според нив, е неуспехот на изборите, како и неговото предизборно ветување дека ќе си оди од кормилото на партијата ако таа не формира влада.
„Агресивноста и заканите повеќе говорат за
насилникот, отколку за жртвата. Знак на
слабост и немање на вистински аргументи е
испраќањето на разни ликови кои се
закануваат и нарушуваат нечиј мир, не
водејќи сметка за туѓите семејства.
На Македонија и треба здрава опозиција
која демократски комуницира и ги решава
отворените прашања.
Насилството мора да остане во минатото
бидејќи ВМРО-ДПМНЕ може да оди напред
само со отворена дебата и соочување на
фактите.
Да се бара одговорност од раководството и
одржување на Вонреден Конгрес е
демократски чин. Да се испраќаат разни
ликови пред нечиј дом, да се пишуваат
вулгарни зборови со говор на омраза,
обвинувања без основа, лични навреди, на
социјалните мрежи е кукавички и
нечовечeн чин.
Апелирам да престане безумието. Не е
разумно тоа што го прават овие ликови, а
уште понеразумно е тоа што некој помислил
дека на тој начин може да се постигне
нешто. Само се жртвуват луѓето за нечија
суета.
Да, пријавив закани и тормозење во
полиција и ќе продолжам да пријавувам.
Насилство нема да толерирам!
Очекувам полицијата да постапи. Мене
нема да ме заплашите, ниту ќе отстапам од
својот став само дека на ВМРО-ДПМНЕ му е
потребен вонреден Конгрес и промени“, пишува Дамчевска во своето соопштение до јавноста.