Ќе се поведат прекршочни постапки за труењето со храна во „Леар“
Објавено во: Македонија 04 Април, 2017
Државниот санитарен и здравствен инспекторат до Јавното обвинителство поднесе пријава за поднесување кривична постапка за труењето со храна кое се случи деновиве во фабриката „Леар“ во Тетово.
Пронајдени се повеќе пропусти посебно во хигиенските услови каде што се подготвува храната во фирмата добавувач од тетовско. Резултатите од брисевите покажале бактерии и кај дел од вработените. Мострата од храна била микробиолошка неисправна, по што се очекува Агенцијата за храна и ветеринарство да преземе мерки.
Објектот кој се користи за поготовка на храна, како и просторот каде се дистрибуира и дели храната и натаму се забранети за употреба сѐ додека не се спроведе темелно механичко чистење, дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена здравствена установа, добивање негативни резултати од контролни брисеви и обезбедување на вработени со валидни санитарни книшки.
Согласно стручното мислење на ЦЈЗ Тетово, брзиот развој на клиничката слика кај заболените лица, два часа по конзумирање на оброкот, самата клиничка слика и пронајдената патогена флора од жива и нежива средина, сомнението за акутно труење со храна оди во прилог на стафилококно труење.
Труење со храна имаше кај повеќе од 200 вработени при што дел беа примени во тетовската, а другите во гостиварската болница.